Градски парк во Велес навечер во мрак, тврдат граѓани додека Колев вели дека светло има а општината и проект за негова комплетна реконструкција

Објавено: 16 јули, 2025, во 12:45 часот

Не работат сите ново поставени сијалици од уличното осветлување во велешки Градски парк, информираат граѓани кои деновиве бараат места за разладување кога во градот високи се температурите дури и во вечерните часови. На фотографиите кои што ги испратија на Дума.мк или веќе ги објавија на социјалните мрежи се гледа дека под слаба светлина е централниот дел на паркот, таму каде што се поставени канделабрите. Граѓаните тврдат дека во темнината ги вклучувале мобилните телефони за да стигнат до неколкуте поставени клупи и до чешмата. Тие во исто време бараат светло и поголем број на места за седење.

Градоначалникот Марко Колев тврди дека во изминатите две вечери бил присутен на манифестации кои се дел од годинешното „Велешко културно лето“ и таму работеле уличните светилки.

-Незнам за кој дел од Градски парк конкретно се однесува информацијата но таму бев и јас во изминатите две вечери за што можам да кажам дека уличното осветлување работи. Во однос на второто барање од граѓаните ќе соопштам дека Општина Велес има готов проект за целосно реконструирање на паркот. Не го земајте во целост како точен податокот но мислам дека финансиската конструкција е во висина од 20 милиони денари. Проектот ќе го аплицираме или на нареден повик на Влада за финансирање на општински проекти или можеби ќе влезе во Програмата за уредување во наредната 2026 година на Општина Велес, додаде Колев.

Фото: Архива на Дума.мк

Тој додаде дека со проектот за реконструкција на паркот биле опфатени сите постоечки содржини, особено пешачката патека и биле додадени нови.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.