Илиовска не се чувствува за виновна за убиството на невенчаниот партнер Ристовски, чии последни зборови биле: „Жал ми е што не те убив“
По денешното главно рочиште, утре, 15 февруари, во 13 часот, во Основен суд Велес ќе биде соопштена пресуда за судскиот процес во кој за кривичното дело „убиство за миг“ и се суди на велешанката Павлинка Илиовска, за убиството на нејзиниот невенчан партнер Александар Ристовски. Обвинетата не се чувствува за виновна. Во судницата Илиовска остана на исказот даден во истрага кога соопштила дека кривичното дело го сторила во одбрана.
Од исказите на сведоците за минатогодишното убиство, коешто се случи на 29 септември во семејната куќа на Илиовска во Велес, се дозна дека му претходела расправија помеѓу обвинетата и починатиот Ристовски, кај кого било утврдено присуство на алкохол во крвта. За да ја прекине расправијата Илиовска од дневната влегла во спалната соба и легнала да спие но тоа не го спречило Ристовски да ја фати за горниот дел од пижамата и да ја довлече до кујната. Таму се случила тепачка во која Ристовски повеќе пати ја удирил Илиовска по телото и екстремитетите. Потоа двете раце и ги ставил на вратот и се обидел да ја задави. Во еден момент, додека мавтала со рацете, обвинетата го зграбчила ножот и со него го прободела напаѓачот, несвесна за убодот во горниот дел на неговото тело. „Жал ми е што не те удавив“ биле последните зборови на починатиот Ристовски. Но и покрај нив Илиовска повикала Брза помош, барала помош на телефон од роднини и пријатели и додека не стигнала медицинската екипа се обидела да го запре крварењето од телото на Ристовски.
На денешното рочиште беа изведени докази, сослушани сведоци и вешти лица. Адвокатот на обвинетата, Димитар Петрулев не се сложува, со подигнатото обвинение против Илиовска. Смета дека наместо „убиство за миг“ неа треба да и се суди за „убиство од нужна одбрана“ или во одбрана затоа што обвинетата со сите сили се обидела да си го заштити животот.
-Сметам дека судењето беше правично и фер. Во текот на постапката беа изведени сите докази како на обвинителството така и на одбраната. Врз основа на истите мислам дека се утврдија значајните факти дека предметното дело е сторено во безизлезна состојба, во животно загрозувачка состојба , без нејзино влијание. Се надевам на позитивно законита одлука, додаде Петрулев.
Тој во завршните зборови на рочиштето од судот побара да изрече ослободителна пресуда и да ја укине мерката куќен притвор на обвинетата Павлинка Илиовска.
Обвинителката пак во завршните зборови остана на ставот Павлинка Илиовска да одговара за кривично дело „убиство за миг“ и да остане во куќен притвор се до правосилноста на пресудата. Сепак Обвинителката побара од судот да ги земе во предвид олеснителните околности дека Илиовска досега е неосудувана личност, нма други кривични дела како и дека била малтретирана од сега починатиот Ристовски со кого живеела од 2015 година.
Овој случај будно го следат граѓански организации, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, кои сметаат дека обвинетата треба да се товари за полесно кривично дело направено во самоодбрана, а не „убиство за миг“ за кое според Казнениот законик е пропишана затворска казна од една до пет години.
Убавка Јаневска