ИН МЕМОРИАМ: Ване Михајловски 1961 – 2024
По долго и тешко боледување, во 63 година од животот, почина велешанецот Ване Михајловски пасиониран вљубеник во фотографскиот апарат, познат фотограф, добар познавач на музиката, сопственик на поранешната локална радио станица „ЦД“ и голем поддржувач на граѓанските организации во јакнење на свеста на граѓаните за борба против канцерот.
Михајловски беше фотографски хроничар на Велес. Како урбан лик, тој низ фотографии ги овековечи сите знаменитости, културно историски споменици, значајни делови од родниот Велес, како и останати населени места на територијата на Општина Велес но и во соседните општини. Беше автор и на стотици фотографии од повеќе и помалку значајни настани како и на бројни сограѓани.
Верата во Бога и желбата да создава творештво кое ќе го остави на наредните генерации беше мотив на Михајловски и на неговото „ЦД“ Радио, две години, посветено да работат на проектот „Македонски духовни храмови“ чии резултати се илјадниците фотографии и собрани пишани материјали како и авторски текстови на сопругата Валентина за најголемиот број на православни македонски цркви и манастири на територијата на државата.
Михајловски ги почитуваше природата, планините и велосипедите. На велосипед успеа со фотографскиот апарат да сними видеа и фотографии од најубавите македонски предели, да влезе во пештери и да биде дел од експедиција што ги истражи водните потенцијали на планинскиот масив Јакупица, со изворите на реката Бабуна, под врвот Солунска Глава.
Како поддржувач на активностите на граѓанските организации за јакнење на свеста во борбата против канцерот помагаше на многу болни граѓани во Велес и во Македонија. Личен негов придонес е велосипедската тура „На точак до Брисел“. Ја возеше од Велес и попатно ги прикажуваше убавините на природата низ земјите на Европа со што сакаше да покаже и докаже дека во борбата со тешката болест потребна се борбрност и силата на духот во човечкото тело. Тој беше и борец за правда и за права на граѓаните.
Ване Михајловски беше семеен човек и татко на полнолетна ќерка.
Неговите посмртни останки ќе бидат изложени во 12:00 часот, во капелата на новите Градски гробишта во Раштани, утре, 21 ноември 2024 година додека еден час подоцна ќе се изврши погребувањето.
Дума.мк