Извиткан лим на железничка рампа во Велес, вчера вечер, беше опасност за возовите и за граѓаните
Фотографијата го прикажува изгледот на една од двете железнички рампи на пругата Велес – Гевгелија, вчера вечер, околу 20:00 часот. Свитканиот и набиен лимен дел од рампата кон внатрешноста на пругата претставуваше опасност како за возовите така и за граѓаните. Набрзо по пријавата на состојбата во која се наоѓа овој железнички премин, за влез во населба Дворови, во Велес, интервенираа вработените од ЈП „Национални железници“.
-Дефектот беше отстранет и среќа е што во тој временски период немаше сообраќање на возови на железничката пруга кон Гевгелија и кон Скопје. Извитканата рампа во најмала рака ќе оштетеше ретровизор и предно стакло на локомотива. Можело да се случи и ситуација од брзината со која се движи возот да ја скрши рампата и да заврши во граѓани коишто чекаат на преминот додека мине воз. Дефектот е последица на употреба на сила од луѓе или пак од деца кои додека рампата била спуштена најверојатно се качувале на неа, рече шефот на Железничка станица во Велес.
Од таму апелираат граѓаните совесно да се однесуваат кон железничката сигнализација и да не ја уништуваат како за лична така и за безбедност на железничкиот сообраќај во државата.
Убавка Јаневска