ЈО: Двајца загинати а петмина повредени при претекнување и судар на два автомобила кои се движеле во иста насока

Две лица го загубија животот, а петмина се повредени во тешка сообраќајна несреќа што вчера вечер се случи во близина на Плетвар, на патниот правец Прилеп – Росоман.
Според информации од Јавното обвинителство, несреќата се случила при претекнување и судар на два автомобила кои се движеле во иста насока. Од ударот, животот го загубиле две лица, меѓу кои и возачот на едното возило, додека пет патници се здобиле со повреди и се пренесени во болница.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп извршил увид на местото на несреќата и издал наредби за прибирање на траги и докази. Ќе бидат спроведени и сообраќајно и машинско вештачење на двата автомобила со цел да се утврдат причините за сударот.
Обвинителството најави дека врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испита евентуално присуство на алкохол или други психоактивни супстанции.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на околностите под кои се случила трагедијата.
Дума.мк


