Како до потранспарентно родово буџетирање и родово чувствителни одговори во криза во општина Демир Капија?

Објавено на 28 април, 2025 во 09:22

Преку истражување како економската криза влијае на еднаквите можности и родовата еднаквост во осум општини во Северна Македонија, Здружението на Новинари за човекови права, Скопје донесе заклучоци и препораки за подобрување на Родово одговорното буџњрирање во Општина Демир Капија. Според препораките општина Демир Капија има потенцијал да стане поинклузивно и родово чувствително место, но за ова е потребно систематско инвестирање во образованието, транспарентност и развој на политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и другите ранливи групи. Клучните области за подобрување вклучуваат економско зајакнување на жените, подобрување на здравствената и социјалната инфраструктура и зголемување на нивното учество во процесите на донесување одлуки преку поактивно учество во буџетски консултации и јавни дебати.

Врз основа на анализата на истражувањето и на донесените поединечни и општи заклучоци и препораки, создадена е платформа за дејствување, со дефинирани чекори за кампањи во сите 8 мали до средно развиени општини по една од секој плански регион: Виница, Дебар, Демир Капија, Дојран, Јегуновце, Кратово, Ресен и Чучер-Сандево во соработка со повеќе граѓански организации во овие локални заедници.

Заклучокот од сите општини укажува на неколку заеднички проблеми и предизвици во процесот на родово одговорно буџетирање: недоволно учество во локалните самоуправи, ранливост на жените и недостиг од поддршка за ранливите групи, а во повеќето општини недостасуваат социјални и економски можности, како и програми за зајакнување и поддршка на жените на ранливите групи и недостаток на родова свест. Недостаток на инфраструктура и социјални услуги, што дополнително ја влошува состојбата на жените и ранливите групи. Проблемите со кризни ситуации во кои жените се посебно погодени и координацијата на локалните самоуправи, како и вклучувањето на родовите аспекти и промовирањето на родовата еднаквост, го забавуваат спроведувањето на родовата политика. Генерално, заклучоците ја нагласуваат потребата од инклузивни и родово одговорни буџетски политики, со поголема свест, учество на жените и граѓанските организации, како и социјални инвестиции кои ќе ја подобрат положбата на жените и ранливите групи во овие општини.

Анализата беше изработена во рамки на регионалниот проект „Зајакнување на одговорноста и родово чувствителните одговори на локалните власти на кризи во 3 земји“, имплементиран од 3 граѓански организации: Здружение на жени Природа-Братунац, Босна и Херцеговина и Младинско здружение Бечеј-Бечеј, Србија и Новинари за човекови права, Скопје-Северна Македонија. Проектот беше спроведен во 24 локални заедници/општини или 8 општини во секоја проектна земја.

Општата цел на проектот е да се зголеми транспарентноста и одговорноста за родовата еднаквост и родово чувствителните одговори на локалните власти на кризи и климатски промени во 3 земји од Западен Балкан.

Проектот е поддржан со средства од Австриската агенција за развој (АДА) и Шведската меѓународна агенција за развој (Сида) во рамките на проектот Gender Budget Watchdog Network II, односно во рамките на Мрежата за набљудување на родови буџети.  Австриската агенција за развој (АДА), оперативна единица на Австриската развојна соработка, е договорен партнер кој го поддржува овој проект, а Центарот за истражување и креирање политики од Скопје е главен имплементатор на проектот.

Препораките за другите седум општини се следни:

За да се подобри Родово одговорното буџетирање во општина Виница, неопходно е да се зголеми учеството на жените во процесите на донесување одлуки, да се подобри транспарентноста и свеста за буџетските процеси и да се обезбедат финансиски средства за поддршка на најранливите групи. Подобрувањето на инфраструктурата и социјалните услуги, како и креирањето стратегии за управување со кризи чувствителни на родот, ќе придонесе за подобра вклученост и повисок квалитет на живот за сите граѓани, особено за жените во руралните средини.

Општина Дебар се соочува со значителни предизвици во областите како што се економската и социјалната поддршка за жените, како и во спроведувањето на родово одговорни практики на буџетирање. За да се подобри РОБ, неопходно е да се зголеми учеството на жените во одлучувањето, да се подобри свеста за буџетските процеси и да се развијат конкретни програми за поддршка на жените, особено во руралните области. Поддршката на економскиот развој, социјалната интеграција и подобрената здравствена инфраструктура се клучни за создавање еднакви можности за сите граѓани.

За да постигне подобри резултати во Родово одговорното буџетирање, општина Дојран треба да ги вклучи жените и граѓанските организации во сите фази на буџетирање, да го зголеми финансиското учество на сите засегнати страни и да се фокусира на специфичните потреби на жените, особено во контекст на социјалните услуги, здравството и образованието.

За да се постигне Родово одговорното буџетирање во општина Јегуновце, неопходно е да се зголеми учеството на жените и граѓанските организации во одлучувањето, да се подобрат здравствените и социјалните услуги за жените и другите ранливи групи и да се инвестира во инфраструктура која ќе ја поддржи нивната економска и социјална сигурност. Посебен акцент треба да се стави на развојот на руралниот туризам и претприемништвото за жените, за нови економски можности и за поттикнување на одржливиот развој на општината.

За да се постигне Родово одговорното буџетирање во општина Кратово, неопходно е да се зголеми учеството на жените и граѓанските организации во одлучувањето, да се инвестира во економски и социјални програми кои ќе ги поддржат жените и другите ранливи групи, како и да се развие инфраструктура која ќе овозможи подобрување на квалитетот на животот, особено во време на криза. Постои потреба да се интегрира родовата перспектива во сите аспекти на општинското планирање и буџетирање.

За подобрување на Родово одговорното буџетирање во општина Ресен, важно е да се создадат механизми за поголемо учество на жените и граѓанските организации во процесите на одлучување и буџетирање, да се развијат стратегии за економски развој со фокус на жените и руралните средини и да се обезбеди соработка со граѓанските организации со цел да се зголеми поддршката за ранливите групи. Неопходно е да се подобри свеста на граѓаните за родово одговорно буџетирање и да се активираат ресурсите за поддршка на жените, особено во руралните области.

За подобрување на Родово одговорното буџетирање во општина Чучер-Сандево, неопходно е да се зголеми свеста за буџетските процеси и да се воведат родово сензитивни политики кои ќе ги земат предвид специфичните потреби на жените и ранливите групи. Неопходно е да се стимулира активното учество на жените во локалната самоуправа и да се инвестира во програми кои ќе овозможат економски развој, здравствена и социјална заштита на жената, особено во руралните средини.

Повеќе детали за секоја општина поединечно, како и општите заклучоци и препораки може да се проследат во анализата која е јавно достапна онлајн и на следниот линк:

http://jhrmk.org/wp-content/uploads/2025/04/analiza-za-zajaknuvane-na-odgovornosta-i-rodovo-chuvstvitelni-odgovori-na-lokalnite-vlasti-na-krizi-vo-3-zemji-od-zapaden-balkan.pdf

ПР текст

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.