Продолжуваат инвестициите на „Тиквеш“ во модернизација и производство на врвни вина

Објавено на 11 февруари, 2016 во 08:56

Во последната деценија вкупните инвестиции за најсовремена опрема за преработка и одлежување на виното како и за модернизација и унапредување на производството на врвни вина во винарската визба „Тиквеш“ надминуваат 30 милиони евра. Во нив се пресметани и планираните 670 илјади евра годинешни инвестиции. Обемот, темпото и структурата на  вложувања, во изминатите три години, му овозможија на Тиквеш да го достигне и одржи посакуваното ниво на квалитет на вината од севкупното портфолио, рече генералниот директор на винарската визба, Игор Илиевски.

„ Најновите инвестиции во најсовремена технологија и опрема за примарната преработка на грозје, микровинификација и одлежување на виното, дополнително придонесуваат за натамошно зголемување на нашите капацитети за производство на вина со премиум квалитет. Уверени сме дека на ваков начин се зголемува додатната вредност на нашите вина, со што се зајакнува нивната позиција,“ рече Илиевски.

Тој додаде дека во последните три години винарската визба дополнително инвестираше и во подигнување нови насади со грозје, набавка на нови танкови, специјални бочви за одлежување на виното, осовременување на линијата за полнење и пакување на виното но и во најнова лабораториска опрема за контрола на квалитетот.

И годинава „Тиквеш“ ќе вложи во унапредување на техничките услови како и во технологии за искористување на отпадот што се создава при преработка на грозјето  како суровина за производство на енергија. Директорот Илиевски најави дека лозовите прачки,по кроењето на лозјата во Тиквешијата, планираат да ги користат во проект за обновливи извори на енергија.

„Токму тоа е проектот.Во процес на произиводството од нив да се добие употреблива енергија.     Прачките ќе се собираат по кроењето, ќе се преработуваат и од нив ќе се добива гориво кое што е замена за гас или за мазут  според соодветната калориска вредност како и сите други извори на енергија. Ќе го користиме во нашиот процес и евентуалните вишоци ќе бидат пласирани на пазарот. Ние проектот го имаме заокружено што и како треба да се направи. Следи практичното комплетирање на техничката документација и организирање на целиот процес. Од следната година ќе можеме да стартуваме со овој проект, прво да ги искористиме лозовите прачки од нашите лозови насади а потоа и да организираме помасовно користење,“ рече Илиевски.

Тој пред новинарите соопшти дека претходната година беше исклучително успешна година за Тиквеш што набрзо ќе треба да го потврдат резултати на берзата според кои како на домашниот така и на извозните пазари винарската визба оствари зголемен пласман. И покрај околностите во регионот очекувањата на Илиевски се релативно оптимистични поради стратешка определба на визбата за извозна ориентација и промоција на македонското вино./У.Ј

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.