Верниците го слават Свети Димитрија!
Градот го слави празникот Свети Димитрија или Митровден.
Верниците го наполнија храмот кој го носи името на светецот. Се потсетија на народните верувања, едно од нив запишано и од Марко Цепенков, според кое сончевото или ладно време на Митровден ќе се повтори и во наредните четириесет дена. Денешниот топол и сончев ден на граѓаните им донесе надаж дека се до крајот на годинава ќе заштедат на огрев и секако ќе можат почесто да излегуваат од својот дом.
Денеска, уште рано наутро, во црквата Свети Димитрија дојдоа многу граѓани кои присуствуваа на светата литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ г.г Стефан, во сослужение на владиците Агатангел и Тимотеј како и свештено служители од Повардаската епархија.
Со честитката која им беше упатена на граѓаните, честитан именденот и домашната слава, поглаварот и архиереите апелираа да продолжат да ја помагаат изградбата на новиот храм Света Петка. Тој се гради во новиот центар на Кавадарци.
Сепак, кавадарчани се горди на централната парохиска црква „Свети Великомаченик Димитриј”, возобновена во 1834 година. Според својата архитектурна форма таа е трикорабна базилика. Во црквата има два помошни олтари со иконостаси од јужната и северната страна. Едниот олтар е посветен на Св. вмч Димитрија, а другиот на Преподобна Параскева, Света Петка. Иконите датираат од времето кога е возобновена црквата 1843 година, но зографите кои ги изработиле не се познати. Олтарскиот простор повторно е живописан од страна на зографската тајфа на Светозар Богдановски од Велес во 1995 година.
