На дрва и годинава ем поевтино, ем потопло!
Дрвото како огревен материјал годинава е се побарано меѓу кавадарчани. Со него најголем дел од граѓаните ќе ги заграваат домовите.
Кавадарчани велат дека долго пресметувале и на крај дошле до заклучок дека сепак дрвата се најисплатливи. За нив струјата е страшно скап енергенс за да си дозволат луксуз и да го затополуваат просторот , а на домашните тенки буџети не им оди во прилог ниту нафтата.
Од подружницата на Македонски шуми во Кавадарци велат дека интересот за дрва е голем и дека немале проблеми околу дистрибуцијата до домовите на граѓаните. Иако зимата е на праг сепак на плацот располагале со 1500 метри просторни дрва, од прва и втора класа.
“За разлика од лани, годинава имаме зголемена побарувачка на дрва за повеќе од 4 илјади метри кубни . Предвидуваме дека побарувачката ќе достигне до 28.000 метри кубни дрвна маса„ рече директорот на подружница “Бор“, Стојан Ивановски.
Дабот во овој момент се продава по 2200 денари, додека за метар просторен бука граѓаните треба да платат 2130 денари.
Социјалците можат со дрва за огрев да се снабдат по уште пониска цена.