Дел од Кавадарци во мрак!

Објавено на 21 јануари, 2013 во 15:24

Кавадарчани се жалат на мрачни улици во текот на ноќта. Веќе неколку дена на повеќе улици во градот имало прекини во уличното осветлување.

Од општината потврдија дека се работи за дефект на чие отстранување интензивно се работело.

“Прст пред око не се гледа навечер, а плаќаме за улично осветлување. Приморани сме навечер да ги оставаме вклучени надворешните светилки, а со тоа само ќе си ги зголемиме дополнително сметките за струја“ реагираат дел од граѓаните.

“Првото пријавување на проблем со уличното осветлување е пред десетина дена. Службите веднаш излегоа на терен. Тогаш констатираа дека проблем има на улиците “Пане Џунов”, “Моклишка”,  “Фуштани” и “4-ти Мај”.  И во текот на денешниот ден се работеше на отстранување на дефекти. Според мислењето на инжењерите причина за ваква несакана појава, можеби е краток спој на петата жица од уличното, каде се вкрстуваат линиите“, рекоа  од  локалната самоуправа. Додаваат дека како една од причините за краток спој можно било дивото приклучување на граѓани на електричната мрежа или кражба на струја.

“Тоа може да предизвика краток спој кој ги исфрла осигурачите од системот и го прекинува уличното осветлување. Сличен проблем имаше и на улицата “Шишка” пред извесен период и беше констатирано дека се работи за диверзија“, објаснуваат од општината.

Инаку веќе неколку месеци во општина Кавадарци се реализира проект за промена на уличните светилки со нови “штедливи“ . Голем дел од градот е осветлен со нови светилки, а се врши и реконструкција на  мрежата за улично осветлување.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.