Семејството Велкови, со две малолетни деца, живее во картонска колиба!
На очиглед на сите, општината, институциите и граѓаните, во Кавадарци една година две малолетни деца со нивните родители живеат на улица, во картонска колиба.
-„Свекорот е причина што јас и мојот сопруг и нашите две малолетни деца од 3 и 9 години останавме на улица. Неговото малтретирање, навреди и понижувања отидоа до таму што не избрка од дома и сега живееме во дом кој ни најмалку не изгледа како дом,“ – започна да ја раскажува животната приказна на нејзиното семејство, кавадарчанката Маја Велкова.
Таа со семејството веќе една година живеат во шупа наспроти семејната куќа. Маја и сопругот немаат вработување туку живеат од аргатлукот на Ванчо. Велкови не земаат ниту социјална помош зашто во јануари на Ванчо му истекол договорот со локалната самоуправа каде бил ангажиран со три месечен договор за работа на дело па сега останале и без тие минимални средства.
Маја и Ванчо една година од шупата гледаат во нивниот стар дом. Во собите во кои тие живееле сега свекорот донел кираџии. Во нивниот картонски дом, што може секој момент да се урне, нема соби туку тоа е голем простор во кој е ставен еден кревет, еден стар орман и нивната гардероба.
-„Моравме да најдеме прибежиште оти не се издржуваше. Свекорот се качуваше на катот од куќата и искрши се мебелот, покуќнината, садовите во кујна. Воопшто не му беше гајле за исплашените лица на сопствените внуци. Сега стави во нашите собим кираџии. Си зема пари и не му е гајле што ние страдаме. Многу ми е тешко, има денови кога нема што да јадеме. Тогаш не можам да издржам ,срцето ми се кине кога ќе го видам погледот на децата кои барат леб а јас немам ништо да им дадам“,плачејќи раскажуваше Маја.
Велкови едвај презимија. И сега живеат без вода. Се молат кај соседите да им дозволат да ги полнат пластични туби и шишиња. Во картонската колиба немаат светло и навечер седат во темнина. Тие досега многупати побарале помош од општината и локалните институции. Од таму им рекле дека можат да им помогнат со градежен материјал но Велкови немаат плац, неможат да купат за да изградат една соба во која ќе живеат.
-„Проблемот е во тоа што немаме земјиште каде да изградиме, од една страна ни даваат материјал од друга страна ни велат на државно земјиште не смеете да градите, ќе ве урнеме. Затоа сакам да побарам помош од некој што е одговорен за овие работи ако можат да ни доделат барем 50 до 100 квадрати земјиште, да си направиме собичка, децата да можам да ги спасам,“ рече Маја.
Уморот од долгите и непроспиени ноќи се познава на лицата на Велкови. Особено на нивните две малолетни деца. Тие немаат што да јадат, плашливи се и со нарушено здравје.
Маја и Ванчо не испратија со молба да ја раскажеме нивната приказна за да ја прочитаат што поголем број на луѓе бидејќи веруваат дека меѓу нив ќе има некој што ќе сака да им помогне особено на нивните две деца кој не по своја вина живеат бездомен живот./Б.Н.Т