Кавадарци ја отвори куќата на вкусовите и мирисот!
За традицијата досега само се раскажуваше. Од денес таа може и да се погледне и доживее. Одбележувајќи го денот на Европа, Кавадарци го отвори Музејот на вкус и мирис,единствен од таков вид во земјава. Овде низ 500 поставки посетителите можат да се запознаат со минатото на градот и регионот, подготовката на храна, вино и ракија.
На свеченото отворање беше упатена порака што повеќе туристи да доаѓат во градот на виното, да се запознат со гастрономијата на овој крај.
Куќата на вкусовите и мирисот е инвестиција од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција во рамките на ИПА-програмата на ЕУ. Партнер на Општина Кавадарци во овој проект е грчката Општина Воден или сегашна Едеса. Целиот проект е вреден 250.000 евра, а е финансиран од Евроспката Унија и тоа 85 % со средства од ИПА програмата, 5% од буџетот на општина Кавадарци и 10% од министерството за локална самоуправа. Проектот има за цел да ја зајакне туристичката инфраструктура и преку заедничката гастрономија да ја промовира туристичката понуда на пограничниот регион.
Традиционалната храна во Тиквешијата е мошне интересен сегмент од повеќе причини. Оваа тема е малку истражувана во делот на етнолошките истражувања не само во Тиквешијата, туку и во Македонија во целост. Во овој музеј се поставени стари садови за преработка и подготовка на храна, алати и орудија за преработка на храната како и начиниот за производство на традиционалната тиквешка храна која во најголем дел е резултат на плодовите од растенијата од Тиквешијата пченица, јачмен, а пред се грозјето.
Музејот е поделен во неколку делови во кои е претставена постапката за подготовка на храната во Тиквешијата, од неолитот, преку античкиот и византискиот период, се’ до времето на османлиското владеење, кога и подготовката на лебот и погачите имала посебно значење. Има предмети од неолитот пронајдени во археолошкиот локалитет кај селото Ресава. Тоа се камени секири. Од античкиот период има глинени садови, од средниот век садови за подготовка на храна. Посебен белег на музејот дава подрумскиот дел каде што се сместени експонати од првата винарница на семејството Велкови од 1875 година.
Куќата на вкусовите и мирисот свечено ја отворија министерот за локална самоуправа Тахир Хани, градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов и амбасадорките на Франција и Германија, Лоренс Ауер и Гудрун Штајнакер.
„Ова треба да служи како пример и за останатите локални самоуправи. Мило ми е што на сите свои граници, Република Македонија успешно реализира соработка која ги надополнува нашите напори да изградиме мостови на соработка и пред се долгорочни контакти и пријателства кои гарантират сегашност и иднина со придобивки за жителите од двете страни на границата“ рече Хани.
Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов рече дека границите требало да останат симболика, а луѓето да ги обединува гастрономијата и виното.
Амбасадорките на Франција и Германија рекоа дека ваквиот пример за прекугранична соработка меѓу две соседни држави треба да се негува и овој музеј да го посетат што повеќе туристи./ А.Д