Четири пожари во еден ден: Гореше ридот над Брушанско маало

Објавено: 10 август, 2013, во 08:46 часот

Седум пожарникари со три противпожарни возила на кавадаречката територијална противпожарна единица, синоќа успешно се справија со пожарот кој избувна во “Брушанско маало“, а покрај опожарената сува трева и ниски стебла, пламените јазици беа вистинска закана и за куќите. Дополнителен проблем во локализирањето на пожарот беше тешко пристапниот терен.

Жителите од улицата „Лазо Асијата“ револтирано коментираа дека со години бараат од локалната самоуправа да им направи соодветна улица.

„Со години бараме од локалната самоуправа да го реши нашиот голем проблем. Немаме соодветна улица. Еве во вакви ситуации неможе ниту пожарна да влезе и навреме да интервенира. Замислете во 21 век немаме соодветен пристап до нашите куќи. Вчера можеше да се случи вистинска катастрофа, бидејќи противпожарните возила неможеа да влезат и да интервенираат. Се влечеа црева на поголема далечина, а сето тоа одзема време и е во прилог на ширење на пожарот“ ни се пожалија жителите. Бараат локалната самоуправа сериозно да го сватела и третирала овој проблем.

Инаку во текот на вчерашниот ден кавадаречките пожарникари интервенирале и уште на три пожари. Првиот пожар бил близу спомен костурницата во градот, а во вториот се запалило електрично сандаче во селото Марена. По трет пат интервенирале кога се запалил контејнер во центарот на градот а четвртиот и најголем пожар бил синоќа кај Брушанското маало во Кавадарци.

Се работи на утврдување на причиникте за сите четири пожари. Командирот на територијалната противпожарна единица, Илчо Богевски апелира до граѓаните да покажат поголемо внимание за да не предизвикаат пожар кој може да направи сериозни штети./А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.