Опозицијата во кавадаречкиот совет обвини дека буџетските пари се трошеле непродуктивно
Со 11 гласа „за“ и 5 „против“ денеска Советот на општина Кавадарци на петтата редовна седница го усвои извештајот за извршување на буџетот на општината за вториот квартал на 2013 година. На гласањето му претходеа повеќе дискусии. Опозицијата обвини дека парите од општинската каса се трошени на непродуктивни цели и слаба е буџетската реализација.
Советникот Зоран Бањански констаира дека од извештајот се гледало дека во општината немало комунална изградба и праша дали градоначалникот имал стратегија како да се надмине лошата состојба во буџетот. Реализацијата на даночните приходи не е задоволителна забележа советникот Горан Белевски.
„Приходите од буџетот се користат за непродуктивни цели. Во извешајот неможе да се види дека има некаква развојна компонента. Се оди кон сериозно задолжување на буџетот“ рече меѓу другото во својата дискусија советничката Милица Андова и забележа што градоначалникот не бил присутен на седницата.
По забелешките и критиките искажани од советниците од опозицијата раководителот на секторот за финансии, Цанка Јовановска, нагласи дека општината внимателно го троши секој денар од општинската каса.
Во кварталниот извештај стои дека општината остварила вкупните приходи,по сите основи за периодот од почетокот на годината до 30 јуни, од околу 265 милиони денари. Оваа сума во однос на планираните 681 милиони денари изнесува 38,9 отсто./A.Д