На Кавадарци нај итно му е потребна детска градинка
Власта и опозицијата во кавадарчкиот Совет се едногласни дека на градот итно му е потребна нова детска градинка. Ваквиот заклучок го донесоа бидејќи во моментов во градинката „Рада Поцева“ се згрижуваат два пати повеќе деца од реалниот капацитет што го имаат сите објекти на градинката.
Дел од советниците посочија дека во една група имало и по четериесетина деца што ја нарушува можноста воспитувачките да реализираат активности за едукација. На толкав голем број на деца една воспитувачка и две негователки можеле само да внимаваат на дисциплината а не и нешто да работеле со децата.
Советниците искажаа голема благодарност до персоналот во градинката што и покрај двојно зголемениот број на деца, иако тоа не го дозволува капацитетот, сепак успешно се справувале со ситуацијата и ги извршувале сите активности.
Проблемот со зголемен интерес за запишување на децата во градинка се појави по отворањето на германската фабрика „Дрекслермаер“, бидејќи многу родители тргнаа на работа и нема кој да ги чува нивните деца.
Од директорката на градинката, Снежана Ганчева, дознаваме дека во моментот се згрижуваат над 800 или 300 деца повеќе од проектираниот капацитет на објектите. На листа на чекање биле ставени уште двесте деца.
Поради немање на финансиски средства општината сеуште неможе да ја набави потребната опрема за градинката во Ваташа. Се очекуваат донации за креветчиња, столчиња и маси за да може да проработи овој објект кој се наоѓа во спомен домот во селото.
Од Советот на општината рекоа дека додека се изгради новата градинка треба да се обезбеди алтернативен простор, чиј газда е општината, за да се преадаптира во градинка. Посочија објекти во селата Марена и Сопот. Советниците сметаат дека по преуредување, децата од овие населени места, не ќе има потреба да се згрижуваат во градот туку ќе останат во родните села./А.Д
