Се зголемува капацитетот за ковид пациенти во кавадаречката болница
Вкупно 12 позитивни на корона вирус се дијагностицирани во последните 24 часа во Тиквешијата, покажуваат денешните податоци од ЦЈЗ Кавадарци.
„Во Кавадарци има 10 нови позитвни на вирусот, Во Неготино и Демир Капија по еден нов случај. Новите инфицирани се на возраст од 34 до 62 години“ рече епидемиолог д-р Ристе Јовановски.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје од почетокот на емидемијата, заклучно со 27.10.2020 година во Кавадарци има вкупно 447 позитивни на вирусот. Оздравени се 265 лица, а 177 случаи се активни во моментов.
Нов оддел со капацитет од 20 легла за прием на ковид пациенти од утре ќе биде во функција во кавадаречката болница, информираше денеска директорот на болницата, д-р Диме Коцев. Со тоа капацитетот за третман на ковид позитивни пациенти од тиквешкиот регион ќе биде вкупно 43 болнички кревети. Ова ќе биде трето проширување на ковид одделот, а се хоспитализираат пациенти со средно-тешка клиничка слика.
„Во моментот имаме 18 хоспитализирани пациенти, од кои девет се од Неготино, девет од Кавадарци. Најмладиот е на возраст од 21 година, најстариот има 78 години. Имаме и добра вест. Вчера двајца пациенти се излекувани и пуштени дома. Шест поради тешка клиничка слика се препратени на скопските клиники, една пациентка пред три дена почина на пат кон скопската болница. “ вели д-р Коцев и информира дека е дуплиран капацитетот на биохемиската лабораторија и рендгенот.
Тој упати апел до сите граѓани да не се кријат, кога појавуваат симптоми, бидејќи не е срамно да се биде болен, а може да биде опасно ако не се бара навреме лекарска помош. Информираше дека лице на 25 годишна возраст со тешка клиничка слика било препратено на инфективна клиника. Вели, тоа покажува дека вирусот не бира возраст и не треба пациентите да се лекуваат на своја рака, а да побараат помош од лекар кога состојбата ќе им се искомплицира.
Ангел Данов