Пред почеток на сезоната: Здружението „Напредни лозари” упати предлози и барања до министерот Хоџа за подобрување на условите во лозарството
28.01.2021
Пред отпочнување на овогодинешната лозарска сезона, Здружението на лозари од Тиквешкиот регион – „Напредни лозари”, излезе со неколку барања и предлози до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа. Според здружението, цените на грозјето се ниски, а причините за тоа се непазарно работење и затвореност на пазарот. Винариите се договараат за откупната цена и ја објавуваат во последен момент, кога лозарите веќе мора да го берат грозјето.
Заради санирање на оваа состојба која долго време се провлекува, и особено минатата катастрофална година за лозарите, со цел спас и опстанок на лозарството во Тиквешкиот регион, регионалното здружение „Напредни лозари” од Кавадарци, упатува неколку барања и предлози.
Формирање фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, информации за откупната цена на винските сорти најдоцна до крајот на јуни тековната година и обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски, враќање на персоналниот данок на регистрираните земјоделци најдоцна до јуни наредната година, исплаќање на заостанатите субвенции во најбрз можен рок, исплата на редовните субвенции за одржување на лозовите насади до „Свети Трифун”, 14 февруари и паралелно реализирање на дополнителната поддршка, се дел од барањата на Здружението „Напредни лозари”.
Дополнителен проблем, додаваат од „Напредни лозари”, и натаму е вишокот грозје за кој преработувачите не се заинтерсирани зашто им оди во прилог, ја снижува откупната цена, а може да се реши веднаш, со преработка во дестилат. Наспроти ваквата ситуација во лозарството, не работат и двата големи капацитета – винариите Кокино и Џумајлија, со капацитет од 32.000.000 килограми, укажува здружението.
– Кога има вишок грозје доаѓа до намалување на цената, а тоа доведува до неекономично работење на лозарите. Нивните долгогодишни насади во кои многу инвестирале се осудени на пропаст. Кога има вишоци, предлагаме државата да изврши интервентен откуп, но да не им направи конкуренција на винариите во делот на наливното вино, туку тој вишок да го направи дестилат. Нема да ја чини многу, а со неговата продажба ќе оствари и заработувачка. Дестилатот не е како виното, со рок на траење и скапо одржување, туку има неограничен рок и лесно се чува и продава, велат од здружението.
Мите Јаначков