Над 200 нови ковид позитивни во Кавадарци за последните шест дена
Кавадарци останува на врвот по новите дијагностицирани случаи на корона вирус, споредено со бројот на жители.
За само шест дена, откако е на сила полицискиот час, во период од 12 до 17 март годинава има 207 нови ковид позитивни. Во овој период, според податоците кои ги објавува министерството за здравство, во Кавадарци починале седум лица поради компликации од корона вирусот. Од почетокот на пандемијата со вирусот се заразиле вкупно 3954 лица, а во моментов активни се 684 случаи.
Од овој нов бран во кој циркулира претежно „британскиот сој“ на Сарс Ков2, ковид одделите во кавадаречката болница се постојано со наплив на пациенти, кои имаат потреба од болничко лекување и се зависни од кислород.
Според податоците од болницата во Кавадарци, во изминативе 24 часа примени се седум нови пациенти. Вкупно се лекуваат 74 пациенти, а има слободно уште 21 болнички кревет.
И покрај ваквата загрижувачка состојба, голем дел од граѓаните продолжуваат со неодговорно и незрело однесување во време на светска пандемија. Не се почитуваат ниту основните мерки за заштита. Претежно младите, кои сега почесто се инфицираат со вирусот, се помалку носат заштитни маски, или ги носат не правилно. Голем е бројот и на веќе дијагностицирани позитивни кои слободно се шетаат низ маркетите и аптеките, но никој не ги санкционира.
Дали ќе има нови рестриктивни мерки комисијата за заразни болести ќе одлучува на почетокот на наредната недела.
А.Д