Се закроија лозјата со благослов за богат род и добра цена на грозјето

Со симболично закројување на импровизирана винова лоза на градскиот плоштад во Кавадарци, денеска се упати благослов за родна година. Лозарите и винарите го слават својот заштитник Свети Трифун. Во Кавадарци, центарот на лозарството денеска дојдоа повеќе делегации од дипломатскиот кор во земјава. Свештеници од кавадаречките храмови служеа света литургија, но и ја благословија лозата за богат род.
Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање до присутните на плоштадот порача дека градот ќе продолжи да ја негува вековната традиција на одгледување на винова лоза. Забележа што на манифестацијата не присуствуваше ни еден владин претставник, иако општината испратила покана.
„Вложуваме во нашиот заштитен знак- македонското вино, го стабилизиравме домашното производство, трета година по ред расте и извозот“ изјави денеска Премиерот Димитар Ковачевски, кој во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, беше во посета на лозов насад во село Ресава, каде, со традиционалното закројување на лозјето, се одбележа денот на лозарите, Св. Трифун.

„Тука сме за да им помогнеме, да ги поддржиме, да им оддадеме признание за нивната макотрпна работа и да им дадеме уверување дека и оваа година ќе им обезбедиме квалитетни услови за работа, како што тоа го правиме континуирано и без никакви задршки. Во изминатиот период ја покажавме нашата грижа и посветеност да ги помогнеме лозарството и винарството и да ги направиме уште поконкурентни за регионалните и светските пазари“, истакна премиерот Ковачевски.
На манифестацијата за закројување по повод Свети Трифун во Кавадарци присуствуваше и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој порача лозарите да добијат подобра цена за својот труд.
„Земјоделците односно луѓето се најзаслужни што Македонија може да се пофали со вака квалитетно производство на грозје, на вино, да добијат заслужена цена за тоа што ќе го сработат и за тоа што ќе го продадат. А како што еве веќе вие споменавте субвенциите да бидат само како би кажал додадената вредност на сето тоа“ рече Мицкоски.
Претседателот на здружението „Тиквешки лозаро овоштари“ Дано Јошев го повика министерството за земјоделство да даде насока како да го вршат кроењето годинава лозарите, согласно плановите на визбите за откуп на грозје. Иако бараа средба со министерот и визбите, рече дека таа засега не била реализирана.
Историјата говори дека лозарството на овие простори е гранка која опстојува уште од античкиот период, за што сведочат многу бројните артефакти, како антички стели, релјефи, мозаици по античките локалитети во Тиквешијата.
Ангел Данов
