Колев: „Стои гордо Македонијо“
11 Октомври е ден од македонската историја и не само што е симбол на македонската борба за слобода туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност. Вака го започна своето празнично обраќање на одбележувањето на националниот празник, денеска, градоначалникот на Велес Марко Колев.
„Со првите пушки во Прилеп и во Куманово бројни знајни и незнајни јунаци на партизанските одреди се побуниле против агресијата на Германија и Бугарија стоејќи храбро за она за што верувале. Во најубавите приказни за слободна Македонија се вградени судбините на голем број на млади луѓе кои аманет го носиме и денеска. Аманет за слободна татковина. Затоа сега ви велам: „Стои гордо Македонијо“,додаде Колев.
Чествувањето по повод 11 Октомври, денот на народното востание, во Велес, се одржа во Спомен костурницата на загинатите борци во НОБ. Делегации на општината и на Советот, на Армијата, на полицијата, на локалните институции, на граѓанските организации и на политичките партии положија свежо цвеќе и оддадоа почит на загинатите борци за слобода на Македонија.
Пред присутните Трио Дамар изведе културно уметнички колаж.
Убавка Јаневска
Фото галерија: