(фото) Лажна Фејсбук страна нуди „бесплатен превоз“ во Велес за 145 денари – „Пан Промет“ предупредува да не се купуваат

Објавено: 1 октомври, 2025, во 10:24 часот

На социјалната мрежа Фејсбук во текот на вчерашниот ден се појави страница насловена како „Јавен превоз Велес“, преку која се нуди наводна картичка за бесплатен јавен превоз во Велес за следните шест месеци, по цена од само 145 денари.

Страницата, која на прв поглед изгледа веродостојно, користи визуелни елементи како логото на Општина Велес, фотографии од автобуси на локалниот превозник „Пан промет“, како и слика од темно плава картичка на која пишува „Бесплатен превоз“. Во првата објава се наведува дека станува збор за промоција по повод роденденот на автобуската станица Велес, со лимитиран број на картички.

-🚌 Побарај ја веднаш твојата нова карта и патувај без граници 6 месеци за само 145 МКД!
⏳ Побрзај – достапни се само 500 карти по оваа специјална цена! – се вели во објавата, придружена со линк за наводно купување.

Под објавата има и коментари од сомнителни профили кои споделуваат исклучиво позитивни искуства, што дополнително го зголемува сомнежот за кредибилноста на страницата.

Меѓутоа, од туристичката агенција „Мартин“ и „Пан промет“ , кои се вистинскиот оператор во Велес, веднаш реагираа преку своите официјалени Фејсбук профили и демантираа дека имаат било каква поврзаност со ваква понуда.

-Почитувани патници, Ве известуваме дека е направена лажна страна за купување на картичка со која наводно ќе имате 6 месеци бесплатен превоз за сите релации. Ве молиме кликнете ‘репорт’ и никако немојте да купувате – станува збор за измама, стои во нивното соопштение.

Граѓаните се повикуваат на внимателност и да не наседнуваат на вакви објави, особено кога станува збор за трансакции преку социјалните мрежи од непознати извори. Се препорачува секогаш да се проверуваат официјалните канали на институциите или компаниите, пред да се направи било какво плаќање.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.