Локализиран пожарот над селата Ореше и Папрадиште, изгоре 200 хектари дабова шума во Општина Чашка
Шумарските работници на „Бабуна“ претпладнево усеаа сами да го локализираат пожарот што три дена беснееше во шумскиот појас над селата Ореше и Папрадиште. Првичната проценка е дека изгореа 200 хектари со висококвалитетно дабово дрво. Пожарот беше подметнат во понеделникот, на 28 јуни, околу 11 часот, покрај асвалтниот пат Богомила –Ореше. Огнот прво ги зафати дабовите насади над селот Ореше за потоа да се префрли и на парцелите кон село Папрадиште.
-Пламените јазици денеска стигнаа до буковите насади на работ на појасот што граничи со манастирот „Свети Ѓоргија“ крај Ореше. Огнот го гаснат само екипи на ШС„Бабуна“ составени од 25 работници. Утрово од 5:00 до 11:00 часот траеше акцијата за локализирање. Таа е успешна иако внатре во опожарената површина има многубројни жаришта што тлеат и создаваат дим. Со 24 часовни дежурства шумарските работници ќе ја покриваат целата опожарена површина. Ќе мораме сами откако пожарникарите од ППТЕ Велес дојдоа во понеделникот и констатираа дека не можеле да интервенираат поради не пристапен терен. Во изминатите три дена како и денеска нашите вработени се единствените што се борат со огнот , рече Љубинка Попова директорка на ШС „Бабуна“ Велес.
Единствено помош на шумарските работници им понудила македонската Армија со можност да интервенира со хеликоптер, од воздух. По вчерашниот неуспешен обид поради високите температури и во текот на денешниот ден се прават напори за интервенција на хеликоптерот за целосно гаснење на жариштата со вода од воздух. Ако не успее овој план тогаш шумарските работници ќе мораат деноноќно да контролираат се додека не го изгаснат последното жариште.
Убавка Јаневска