Локалните и националните институции во заедничка борба против корупцијата – со родова перспектива
Објавено: 15 јули, 2025, во 15:59 часот
Како изгледа корупцијата кога низ неа ќе погледнат жените? Кои се предизвиците со кои се соочуваат при пристапот до информации, ресурси и учество во процесите на одлучување? И зошто е неопходно родовата перспектива да стане составен дел од стратегиите за борба против корупцијата?
Одговорите на овие прашања беа во фокусот на тркалезната маса на тема „Поврзување на локалните и националните институции во креирање на родово сензитивни и инклузивни антикорупциски политики“. Учесниците од различни институции разменија искуства околу интегрирањето на родовата перспектива во борбата против корупцијата и политиките за интегритет
-Целта на проектот е да се интегрира родовата перспектива во националните и локалните стратегии за спречување и борба против корупцијата, изјави во видео обраќање за Дума.мк Оливера Ефтимовска, претседателка на националната мрежа „Жените за жените“.
Политикологот доц. д-р Гордан Георгиев зборуваше за политичките партии како затворени структури и за нивната улога во одржувањето на непрозрачни и нееднакви системи. Тој потенцираше дека постојат сериозни предизвици во транспарентноста и родовата еднаквост токму поради ваквата затвореност, што пак создава услови за одржување на локална корупција.
Мирјана Трајкова, претседателка на Организацијата на жени од Општина Велес рече дека по повеќе од 30 години работа со жените во градот, со сигурност кажува дека корупцијата е дел од секојдневието на локалните жени, но луѓето тоа ретко го препознаваат.
-Се гледа кога не можат навреме да добијат здравствена услуга, кога институциите молчат наместо да помогнат, и кога жените се плашат да прозборат за неправдите што ги трпат. Токму затоа овој проект е важен. Време е искуствата на жените да ги извадиме од сенка и да ги ставиме во центарот на борбата против корупцијата, објасни Трајкова.

На тркалезната маса која се одржа денеска во Јуроп Хаус Велес учествуваа и проф. д-р Зорица В. Силјановска од Факултетот за правни и политички науки на АУЕ – ФОН и м-р Љупка Трајановска, консултантка за родови прашања, кои придонесоа со свои експертизи и перспективи.
Тркалезната маса се одржа во организација на Организација на жени на Општина Велес во партнерство со Националната мрежа „Жените за жените“ со поддршка на Општина Велес.
Стефани Манева


