Матичните амбуланти утре повторно нема да примаат пациенти освен итни случаи
По две недели од предупредувачкиот протест и разговорот на претседателката на Здружение на приватни лекари на Македонија, д-р Лилија Чолакова Дервишова со заменик министерот за здравство Владимир Рендевски, нема одговор на ниту едно од веќе испорачаните барања од страна на матичните лекари до министерството. Матичните лекари ги информираат граѓаните во текот на денешниот ден да ја завршат потребата од препишување на месечната терапија или прегледи затоа што тие утре, 4 март, ќе бидат отворени но само за итни случаи.
-Управниот одбор на здружението на приватни лекари заседаваше оваа недела. Дојдоа колеги од сите градови и се дискутираше за сите проблеми коишто се наталожени и не тиштат и нема време за чекање, бидејќи голем број на амбуланти се затвораат во здравствените домови во Велес, Прилеп, Битола, Охрид, градови кадешто онаа генерациска граница се приближува кон 67 години и над тие години лекарите не можат да бидат концесионери. За овие колеги приоритетен беше членот од законот којшто се однесува на „Пациенти на ПЗУ“ , со цел да не се затвори фирмата, да не остануваат вработените на улица. Очекувавме јавна расправа, но и по две недели не се случи. Имаме многу сработено во изминатиот период и требаше сето тоа да профункционира. Бидејќи не се случи покачување на бод, не се потпиша анекс, нема промена околу режим на лекови, електронско здравство, буџети на специјалисти коишто се сите различни од 82.000 до 200.000, нема покачување на плати, поголеми буџети за медицинските лабораториите реагираат, фактурата за медицински отпад е покачена и од сите овие причини собран е гневот на колегите па затоа донесовме одлука повторно да ги затвориме амбулантите, додека некој ни пружи рака и барем едно по едно од овие барања да почнат да се решаваат, додаде д-р Чолакова Дервишова.
Барањата на матичните лекари се однесуваат на зголемување на капитацијата, не можноста нивните приватни здравствени организации да ги наследи друг лекар, високите сметки за струја и не можноста на дел од нив да исплатат плата за медицинскиот персонал по зголемувањето на минималецот од 15.000 на 18.000 денари.
Според д-р Лилија Чолакова во Велес набрзо ќе се случи да бидат затворени три амбуланти во Велес од вкупно 23 поради тоашто матичните лекари ќе заминат во пензија а нивните амбуланти не може да ги превземат лекарите коишто се вработени во нив.
Стефани Манева