Мобилно новинарство-Сестраниот творец Атанас Крлевски: „Бев чудо од дете, сега сум чуден човек“

Објавено на 2 ноември, 2023 во 15:38

Велешанецот Атанас Крлевски, пет децении пишува афоризми. Помеѓу велешани неговите афоризми се познати како „крлевизми“. Овој афористичар, сатиричар и поет, до сега има издадено 14 книги од кои 10 со афоризми и 3 со хаику поезија. Шеесет и седум годишниот афористичар сега очекува од печат да излезе 11-тата збирка со афоризми на којашто и дал наслов „На кркуш“. Автентичениот и разбирлив наслов за велешани, за останатите читатели би бил загадочен, па затоа да појасниме „носење на рамо“. Крлевски за публиката подготви и збирка поезија.

-Вообичаено моите книги се пишувани во три циклуси, освен книгата којашто е за жени „Цветен пазар“ со афоризми за жените, останатите сите се во три циклуси, едниот за човекот, вториот за сатира – чиста политика и третиот за жената. Сите книги се на тој начин напишани, и оваа последната ќе биде со околу 1500 афоризми, а циклусите се со подеднаков број афоризми. Но, како да бегеам од афоризмиот сакам мал одмор и сакам оние песни коишто сум ги пишувал во младоста да ги објавам во една збирка иако малку ми се останати. Книгата е речиси готова, има и нови песни и темата е љубов бидејќи младоста е врзана со љубовта. Набрзо и таа ќе излезе од печат, насловот ќе и биде „Друшка на галебите“, додаде Крлевски.

Крлевски е всушност и првиот хаику поет во Велес и еден од ретките во Македонија. Тој досега има објавено три хаику поезии од кои една е детска. Крлевски идеата за пишување хаику ја добил во младоста читајќи хаику во младински весник, но решил да ги објави подоцна за време на пензионерските денови. Хаикуто претставува кратка јапонска поетска форма, поточно песна составена од три стиха со вкупно 17 слога.

– Најчесто оваа поезија е поврзана со природата и со настаните коишто се случуваат во природата и придизвикуваат некоја просветленост кај авторот, кај тој што присуствувал на тој настан во природата. Во светот се пишува многу повеќе, а кај нас поретко и еден од поретките автори сум и јас, додаде Крлевски.

„Бев чудо од дете, сега сум чуден човек“ е автобиографски афоризам на Крлевски за кој вели дека претставува и негов почеток во афористиката. Ваков него го препознаваат другарите, пријателите, читателите и колегите афористичари, поети и писатели. А кога сам се опишува Крлевски вели дека најинтересен е кога е во потрага по пенкало за да ја запише секоја мисла со цел случајно да не ја заборави. Тој ни откри кои афоризми се најчитани од публиката.

-Не постои дефиниција за афоризмот. Иако има еден амерички афористичар Џејм Гери кој има кажано неколку точки со кој сака да го дефинира афоризмот. И таму како прва особина е мисловноста, значи треба да има  филозофска мисловна карактеристика и тие можеби се најтешки и најнепристапни за читателот. Инаку оние лесни кои содржат и хумор, шеговитост се најприемливи за публиката и така реагираат на настани кадешто се чита афоризмот. Мислам дека најмногу ги сакаат токму тие што се пропратени со хумор. Кај мене првите за човекот ги сфаќаат потешко, за политиката и без тоа нашите се специјалисти за политика, така да брзо ги сфаќаат а за жената секако дека се лесни за разбирање и хумористични. Значи најмногу афоризмот се прифаќа ако има доза на хумор, додаде Крлевски.

Крлевски е еден од културните амбасадори на Велес. Тој ги посетува сите културни настани и несебично ги поддржува своите колеги. Пишува рецензии, учествува на натпревари, фестивали и добитник е на многубројни награди. Тешко е да се избројат сите. Овој афористичар  обожува и да фотографира. Не се дели од фотографијата и таа секојдневно ја споделува на личниот фејсбук профил. Таму веќе има објави на 283 крлевизми и исто толку фотографии од убавата Македонија, родниот град или она што го привлекло окото на овој плоден и сестран автор.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.