На Вики камп создадени се 243 нови статии од млади македонски википедијанци на тема: „Занаети во светот”
Објавено: 9 декември, 2025, во 08:46 часот
Тридневен собир на ученици, активни википедијанци, членови на вики клубовите од повеќе градови во Македонија, кои се дел од образовната програма на здружението, беа учесници на седмиот Викимедија МКД камп којшто се одржа изминатиов викенд на Попова Шапка. На седмиот камп учествуваа 43 учесници кои создадоа 243 нови статии на Македонски јазик на тема „Занаети во светот”. Меѓу предавачите на кампот беше и Лили Арсова, координатор со членови на Вики клуб Велес.
Според Викимедија МКД, организатор на кампот, младите активисти за слободни содржини на семрежнатра енциклопедија, од 5 до 7 декември, ги здружија силите создавајќи статии преку дружба и заеднички уредувања. Со 43 учесници, кампот е единствен од ваков вид настани за младите љубители на знаењето и се организира по еднаш годишно.

„Овогодинешниот камп беше тематски и беше посветен на темата „Занаети во светот”. Во текот на кампот, учесниците неуморно работеа, што резултираше со создавање на нови 243 статии на Македонски јазик на оваа глобална енциклопедија. Покрај практичниот придонес, настанот имаше и силен едукативен карактер.
Преку создавање статии, дискусии и предавања, не само што ја збогатуваа Википедија, туку учесниците имаа можност и да дознаат повеќе за занаетчитството преку едукативни предавања. Предавања одржаа м-р Ненад Шундовски, координаторот за ГЛАМ програма на Викимедија МКД, Орце Нинески како и Лили Арсова, координатор на Вики клуб Велес. Свои обраќања имаа и претседателот на здружението, м-р Николче Стојаноски и извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска.

„Оваа иницијатива има за цел да ја збогати содржината на Википедија на Македонски јазик, како и да ги едуцира младите во користење и придонесување кон слободните енциклопедиски знаења. Кампот е само една од поголемиот број проекти и настани кои ги организира Викимедија МКД, невладина организација која се занимава со умножување на слободни содржини достапни за секого“, посочи г-ѓа Штрковска.
Како дел од глобалната Фондација Викимедија, со седиште во Сан Франциско, Викимедија МКД несебично ги троши своите волонтерски капацитети за да создаде за читателската публика што поголем број бесплатни и добропотврдени енциклопедиски содржини.
Убавка Јаневска


