Неготинци најдоа изгубен мал був и му обезбедија опоравување се до повторно враќање во природа (фото)

Објавено на 18 јуни, 2025 во 15:27

Граѓани од Неготино, вљубеници во природата, сосема случајно при едно пешачење нашле мало, изгубено и дезорјентирано бувче. Не го оставиле да угине туку го земале со себе и го згрижиле дома. Но тоа било само почеток на нивната мисија да и се помогне на малата птица, за којашто сватиле дека треба да биде стручно спасена, хранета и негувана. За да дознаат како,каде и со кого можат да му помогнат консултирале вештачка интелигенција.

Така дознале дека помош треба да побараат од Регионален еко центар „Ековита“ во Неготино. Сашко Тодоров, претседател на истоимената граѓанска еколошка организација, потврди дека имаат нов, пердувест член.

„Бевме изненадени кога нашите сограѓани го донесоа малото бувче и ни раскажаа дека не пронашле со помош на вештачка интелигенција. Птицата згрижена е, за нејзиното здравје се грижат двајца дипломирани инжинери биолози, го хранат и е на безбедно место. Се разбира дека во нашиот Регионален центар малата птица ќе биде згрижена се додека не ја подготвиме да и се врати на природата, додаде Тодоров.

За него токму спасувањето и на оваа птица говори за развиената еколошка свест на граѓаните од Неготино со чија помош претходно бил спасен малиот повреден штрк Симо.

„Птицата ја спасивме со тоашто комплетно и се посветивме, јас со сопругата Маја и секако со помош на нашата ќерка Кристина, која е дипломиран земјоделски инжинер. Штркчето Симо се повредило кога паднало од гнездото при обид да го направи првиот лет. По неколку месечна комплетна грижа и оздравување го пуштивме во неговата природна средина,“ додаде Тодоров.

Од „Ековита“ порачаа дека се подготвени да помогнат и во други случаи како и дека стојат на располагање за совети и со поддршка на граѓаните кои се залагаат за зачувување на природата, птиците и животните.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.