Конечно во Неготино проработеа семафорите!
После долги години повторно проработија семафори во Неготино. Лоцирани се во централното градско подрачје на главната крстосница.
Потребата од нив беше голема како и реакциите од Неготинци. Најгласни беа таксистите кои се жалеа дека секојдневно на улиците има сообраќаен хаос и дека секој вози како му одговара.
Откако пред неколку месеци, за првпат надлежните расправаа за проблемот со оспособување на семафорите, деновиве тие се ставени во функција. Целта е побезбедно одвивање на сообраќајот,поголема безбедност на пешаците и побрз проток на возилата по улиците „Партизанска“ и „Даме Груев“. Семафорите треба да го растеретат сообраќајот и на главната улица „Маршал Тито“, рекоа од општината.
Првите семафори Неготино ги доби во деведесетте години од минатиот век но, имаа краток век. Пет години потоа, како резултат на голема поплава која го зафати градот, семафорите беа речиси уништени и долги години надвор од функција.