Свети Трифун, државен празник?!
Досега никој во Македонија не се сетил дека празникот Свети Трифун, треба да се прогласи за државен празник, велат лозари во Неготино.
„ На овој ден во Тиквешијата врие како во кошница. Ние ги закројуваме лозјата, ги заливаме прачките со вино, бараме од светецот да ни го чува родот, доаѓаат гости од цела држава па зошто да не биде неработен ден и да дојдат што повеќе луѓе,“ рече Неготинец.
„И јас мислам дека со неработниот ден ќе му се даде поголемо значење на лозарскиот празник. Тогаш повеќе луѓе ќе дојдат во Неготино а тоа е подобро за градот,“ рече Неготинец.
Познато е дека жителите на Неготино го поттикнаа славењето на празникот Свети Трифун. Пред шеснаесет години на инцијатива на винарската визба „Повардарие“ се реализираше првото свечено закројување на лозјата. Потоа се славеше на градскиот плоштад, со музика, вино и скара.
Во чест на празникот на лозарите беа организирани и вечери во хотел Парк во Неготино кога се прогласуваа најдобри лозари,најдобри производители на вино и ракија,се делеа награди.
Денеска е многу поинаку а сепак традицијата продолжува. Се организираат прослави на градските плоштади во Неготино, Кавадарци, Демир Капија и Росоман.
Неготино долги години со ред ја слави Неделата на виното со бројни манифестации. Вчера почна дегустацијата на вина и ракии на која зедоа учество 5 интернационални и 3 домашни винарии.
Најдобрите ќе ги избере интернационална комисија составена од тројца домашни дегустатори и двајца од странство, од Бугарија и Италија.
Денеска ќе се одржи дегустацијата на вина и ракии произведени од индивидуални лозари кои ќе ги оценува истата комисија а организаторот, општина Неготино, ќе ги награди најдобрите ракиџии и винари.
Исто така во рамките на прославата на Свети Трифун ќе се организира и манифестацијата ден на виното ,,Вранец” во манастирот Свети Ѓорги.
Лозарите за миг забораваат на неплатеното грозје, на субвенциите кои ги чекаат, на работата што ги чека во лозјата и сепак го слават Свети Трифун. Како добри домаќини ги очекуваат и гостите кои од година во години ги има во што поголем број во градот./Б.Н.Т