Попушти мостот кај селото Пепелиште!
Попушти еден носечки столб и тоа е причина за целосната забрана за одвивање на сообраќај по мостот.
До пладне само за тешки товарни возила а потоа и за автомобили е забрането минувањето по мостот на река Вардар пред неготинското село Пепелиште. Мостот е дел од регионалниот пат Р 1 – 107 со кој се поврзани Неготино и Штип, преку Криволак.
Вчера попладне било забележано дека еден носечки столб, на кој се потпира мостот скоро во средината, попуштил под притисокот на зголемениот водостој на Вардар. Дополнително оптоварување создаваат и наносите од дрвја и гранки кои ги има на скоро сите столбови во водата на реката.
Жители на селото Пепелиште, кое е оддалечено само 3 километри од мостот, рекоа дека тоа не е единствената причина за пропаѓањето на коловозот туку дека тој не може да го издржи и товарот од камионите кои секодневно минуваат и возат брзо.
„Така се создаваат вибрации кои се рефлектираат врз градежната конструкција и го уништуваа мостот. А замислете колку е тежок еден камион со приколка кои што е натоварен,“ рече жител на Пепелиште.
„Движењето по мостот е сведено на минимум, затоа што мостот е оштетен„ рече неготинец.
“Ако надојде поголем бран вода мислам дека ќе направи беља и селото целосно ќе биде отсечено,“ рече жител на Пепелиште.
Жителите не кријат дека подолго време со страв минувале преку мостот. Дел од возачите на автомобили, пред да биде издадена целосната забрана за минување на возила, се двоумеја дали да возат или да се вратат на споредниот пат.
Ова најново оштетување на мостот кај Пепелиште се случува по две години откако на него беше извршена санација. Тој сега од безбедносни причини повторно е затворен за сообраќај а како што рекоа него нема да го користат за преминување ниту жителите на селото.
И мостот кај селото Војшанци, неколку километри подолу по течението на реката, е оштетен. На него, деновиве, штетата што ја направил Вардар била поголема од онаа на Пепелишки мост. Надлежните и таму поставиле соодветна патна сигнализација која треба да се почитува додека не се санираат штетите. /Б.Н.Т
