Мал човек со големо срце!
Тивок, скромен и хуман. Мал човек со големо срце. Таков е седумдесет годишниот неготинец Ѓорги Коцев кој досега спасил 130 животи.
Толку пати тој го засукал ракавот и ја подал раката од која протекла течноста што значи живот.
Доблеста што ја поседува Коцев е причина да биде почитуван од многу знајни и незнајни пријатели, од луѓе кои ги спасил од сигурна смрт.
Него го познаваат сите неготинци. Со децении тој со нив градел посебен, најчесто хуман однос па затоа граѓаните знаат да му возвратат со благодарности. Штом се сретнавме тој благородно не посоветува.
„Сакам да им порачам на сите луѓе дека треба да водат сметка за своето здравје,за својата крв.Мораат да внимаваат што јадат,каде престојуваат,да се советуваат со лекарите,сето тоа влијае на здравјето и крвта,“ рече Коцев.
Насмеан, скромен човек кој во годините наназад секогаш бил подготвен да помогне вели дека е крводарител уште од средношколските денови. Учествувал на секакви акции редовни,вонредни или пак работни. Затоа од македонскиот Црвен крст ги добил сите можни признанија.
„ Сега имам 70 години. Штом го прославив роденденот отидов до Здравствениот дом во Неготино и реков дека се чувствувам здрав и сакам да дадам крв. Не ми дозволија, рекоа дека сум ја минал старосната граница а јас се разочарав,затоа што од дното на душата посакував да дадам уште некоја капка,да спасам уште некој живот“, рече Коцев.
Човекот кој ја поседува плакетата за рекордер во крводарување сепак не е задоволен од третманот што институциите го имаат кон него.
„ Сите освоени награди ми се драги и среќен сум што сум рекордер во дарување крв во општината. Три пати ме повикале од дома и јас веднаш трчав кон болницата. Сега, веќе 8 години, никој не го одбележува денот на крводарителите. Како локалната самоуправа да заборави на нас, а има толку многу неготинци кои заслужуваат токму на 17 март, некој да им рече благодарам,“ рече Коцев.
Коцев во името на сите крводарители ги побара бенефиции што им следуваат со Законот за здравствена заштита. Државата да им овозможи бесплатни прегледи, болнички лекувања и стоматолошките услуги./Б.Н.Т