Спортските риболовци денес го чистеа Вардар!
Рибарите освен што уживаат да седат по цел ден на жешкото сонце, сакаат да уловат и некоја голема риба за да однесат дома. Велат не им е тешко и на студ да ловат иако тогаш рибата послабо „гризе“, ама чувството и силата која се добива овде не може да се спореди со ништо друго,коментираат тие.
Многумина рибари ловат риба за себе. Дел од нив и продаваат за да соберат некој денар поивеќе во домашната каса, во овие тешки времиња. Сепак рибарењето подразбира и одговорност, а тоа значи дека живееме во време кога треба многу да внимаваме на заштита на животната средина и отпадот кој го оставаме зад нас.
Врнежите од дожд и надојдените води на Вардар донесоа многу отпад од разни краишта на земјата. На крајбрежјето на реката нема што нема, секаков отпад во огромни количини, а доминираат пластичните шишиња. Токму заради тоа Здружението на спортски риболовци од Неготино денеска организираше еколошка акција за чистење на брегот на реката Вардар. Според Оливер Делов вакви активности нивното риболовно друштво организира континуирано секоја година во кои покрај активните членови учество земаат и помалите риболовци.
„Покрај заштитата на рибниот фонд имаме предвидено неколку акции за зачувување на животната средина, за чистење на отпадот кој го носи реката од горните делови. Апелираме до сите граѓани на државата да не фрлаат било каков отпад во реките и езерата туку да го носат на за тоа определените места со што ќе помогнат да се зачува животната средина“, истакна Делов.
Рибарите во денешната акција го собираа цврстиот отпад, пластичните шишиња, картонската амбалажа, градежниот отпад и ѓубрето, о пакуваа во најлонски вреќи и го подготвуваа за носење на депонија./ Б.Н.Т