Мајките ја бараат вистината за смртта на нивните синови!
По стравотната несреќа од пред неполни две години кога две момчиња од Неготино починаа, по излетување на возилото со кое се возеле од патот врз железничката пруга кај село Криволак, нивните мајки упорно ја бараат причината за нивната смрт.
Милена Велјанова и Благица Петрова се двете мајки кoи скоро две години живеат со тажната животна судбина и таа кобна ноќ кога останаа без нивните деца. Скршени од болка, со изгубен поглед во очите кој од големата загуба пресушил од солзи, бараат да се сретнат со министерката за внатрешни работи Јанкуловска за да им помогне конечно после толку време да се најде решение за случајот и да се дознае еднаш засекогаш причината за смртта на 21 годишниот Крсте и 20 годишниот Александар.
-„Не ми е јасна целава оваа работа,некој како да сака упорно да скрие нешто,како да не сака некој да излезе работата на виделина. Што се случило таа страшна ноќ после која нашите животи немаат веќе смисла,се прашуваме постојано,многу прашања,разни одговори но не и оној вистинскиот. Дали нивните тројца другари се обиделе да им помогнат да излезат од возилото на пругата,починале ли на местото или пак во очај и страв барале помош од нив додека возот летал кон нив за да ги однесе во смрт“- прашаа двете мајки чие срце се кинеше од нивниот плач додека зборуваа за нивната мака.
Едната од нив праша зошто на момчето кое возелo му бил оставен пасошот и сега тој е во Бугарија наместо да биде во Неготино и да се соочи со фактите и дали некој сака да ја прикрие вистината.Тажна е нивната судбина а уште потажна на прерано згаснатите млади животи.Завиткани во црнина велат не сакаат никому тоа да му се случи зашто болката е силна и наместо да се намалува напротив секој нов ден ги притиска во градите се посилно и посилно.
-„Нема ден да не отидам на неговиот гроб, како да очекувам дека ќе се појави од некаде насмеан како што знаеше да биде, да ме прегрне и се да биде како пред тоа. Зборувавме за неговите студии,планираа да бидат и цимери во соба,да завршат да станат свои луѓе,па потоа се по ред,да станеме свекрви и баби,но ништо од тоа сега ја имаме само пустата празнина и неговиот вечен дом кој стана мое светилиште“,раскажува една од мајките.
Велат дека нема утеха за нивната болка, постојано го чувствуваат нивното присуство, ја галат нивната облека надевајќи се дека така ќе ги имаат поблиску до себе.
-„Патиките на Александар се покрај мене постојано, ги гушкам за да го почувствувам моето најмило кое ми одлета прерано,не можам да се помирам дека го нема“,се гуши во солзи Благица.
И Милена е со својата болка.
-„Се ме потсетува на него,се будам и заспивам со неговата слика, го имам насекаде, срцето ми се кине кога ќе се сетам како ми викаше „мајче“, низ плач ни раскажа Милена.
Страшната сообраќајка во која загинаа два млади животи а три момчиња беа потешко повредени се случи на патот Неготино – Криволак кај месноста Пчелите кога по забавата еден час по полноќ на 19 август пред две години тогаш згаснаа два млади животи. Петмина другари во автомобил “шевролет матиз” излетаа од патот Криволак – Неготино и падна на железничката пруга и во него директно удри локомотива, која сообраќаше по пругата во моментот на несреќата. /Б.Н.Т
