Тимјаничка цуцка, кај Неготино, лежи на јаглен кој не се експлоатира!
Неколку стотици милиони тони јаглен крие месноста,Тимјаничка цуцка, во неготинско покрај автопатот кон Атина додека проектот за искористување тапка во место повеќе од пет децении.
Според експертите овие количини се доволни за работа на една електроцентрала, како ТЕЦ Осломеј со моќност од 120 мегавати, во период од околу 200 години. Тие тврдат дека има многу поголеми резерви кои најверојатно се создадени по сушењето на тогашното Тиквешко Езеро над кое подоцна се создала Тиквешката котлина.
Таму имало истражувања, пред 44 години кои траеле половина деценија на просторот кон селата Дисан, Тремник и Тимјаник од едната и од другата страна кон Неготино. Тогаш биле напаравени околу илјада дупчења, на околу 1.500 метри во јамски тунели. Било откриено дека на длабочина од 10 до 100 метри се наоѓа јаглен кој може да се експлоатира површински и јамски.
Само на површината се наоѓа количина од околу 100 милиони тони. Истражувањата покажале дека во рудникот дебелината на јагленот изнесува од 5 до 8 метри, со чистота од 1.000 до 3.500 калории.
Оваа тема, последниве две три години е многу актуелна. Според експертите ако проработи овој рудник тој би можел да вработи околу 600 работници.
Овие информации повторно станаа актуелни лани, на советување организирано од Здружението на енергетичарите. Инжинерите рекоа дека во Неготино има потенцијално лежиште на јаглен добредојден за работата на ТЕЦ Неготино.
-„Имаме големо рудно богатство од околу 400 милиони тони јаглен а 250 милиони тони се експлоатабилни. По долг период, конечно, можеме да се пофалиме дека оваа количина на јаглен ќе ја искористиме за производство на електрична енергија, а со физибилити-студија се констатира дека овде има близу 50 милиони тони експлоатабилни резерви на јаглен што овозможува услови да се изгради една термоелектрана од 210 мегавати, но и актуелна е постојната, која може да се реконструира од мазут во јаглен и да биде од голема корист за земјава“, истакнаа тогаш енергетичарите.
Од нивното еснафско здружение потврдија дека ТЕЦ Неготино наместо на мазут може да се пренамени да работи на јаглен кој во огромни количини го има во непосредна близина.Според рударските инженери, котелската постројка во ТЕЦ Неготино овозможува на лесен начин да се промени типот на гориво од сегашните скапи на многу поевтини./Б.Н.Т
