Мостот кај село Војшанци сеуште опасен за сообраќај!
Ниту се поправа мостот на реката Вардар кај село Војшанци ни се почитува забраната според која жителите на неготинско не треба да се движат по неговата десна страна, кога се оди во правец кон градот. Забраната неодамна надлежните ја донесоа поради оштетувањата кои ги претрпе овој мост од надојдените води на реката по силните врнежи од дожд.
Ова денес ни го потврди и Петар Емшов раководител на подружницата на ЈП Македонија пат од Неготино.
-„Мостот како и другите мостови на реката Вардар е стар и изграден некаде околу шеесетите години на минатиот век. Истиот бил проектиран за помала носивост но со текот на времето истиот е преоптоварен, особено од возилата и механизацијата. Исто така овде варира и водостојот на реката Вардар зашто порано не биле изградени брани и хидроцентрали за разлика од денес. Нормално е дека ќе има и оштетувања на двата столба од мостот во такви услови“,потенцира Емшов.
Тој ги прозва граѓаните кои што управуваат трактори дека токму тие не ја почитуваат забраната и дека има случаи кога несовесни лица ги крадат знаците кои укажуваат дека движењето по мостот мора да биде особено претпазливо.
Емшов уште еднаш ги повика граѓаните да ги почитуваат наредбите од надлежните, да се почитува сообраќајната сигнализација и нејзината заштита.
Од Македонија пат уште соопштија дека во моментов нивни работници исто така биле ангажирани на расчистување на патиштата кои се во нивна надлежност за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот особено сега пред почетокот на туристичката сезона./Б.Н.Т
