Лозарите наспроти експертите – најмногу садат смедеревка!

Објавено на 27 мај, 2013 во 13:05

Лозарите во Тиквешијата не им веруваат на експертите кои до пред некоја година им велеа дека смедеревката е „сопката за откуп“ и не е многу барана од страна на винариите па затоа треба да се ископачи а за сметка на тоа да се засадат нови сорти грозје, со висок квалитет. Нивните искуства го покажале спротивното, токму овој вид на грозје дава најмногу род и најголема заработувачка.

Новиот закон за вино е дециден, лозарите мора да ги пријават сите нови насади со грозје, да побараат одобрение за сортата која имаат намера да ја засадат  и секако задолжителната анализа на почвата на која треба да никне нов лозов насад. Сепак се ова не е многу прифатливо за производителите на грозје во Тиквешко.

Лозарите се сомеваат во анализата на експертите за малите количини на грозје кои ги дава смедеревка. Тие тврдат дека винарските визби се бранат од лозарите кога велат дека лозниците со смедеревка раѓаат помалку род во споредба со другите насади со високо квалитетни сорти.

-„Многу од нас, лозарите, садиме како што ни одговара. Се сеќавам дека пред некоја година беа форсирани и кредитирани висококвалитетните сорти на грозје кои сега за жал имаат слаб пласман на родот со многу  ниска цената. Вистината е дека државата дава субвенции за висококвалитетни сорти но ако се земе во предвид количината на родот која ја даваат и квалитетот на грозјето, ви тврдам дека не можат да се покријат основните трошоци на производство. Знаеме колку денес чини литар нафта, а колку беше пред некоја година. Или вреќата ѓубриво три петнаесетки од 60 кг која пред неколку години ја плаќавме 700 а сега за 25 кг од овој вид ѓубриво плативме 1200 денари“, рече Јован Шипиндиев, лозар од неготинско.

-„Смедеревката се плаќа многу подобро во однос на високо квалитетните сорти, ризлинг, шардоне, каберне совињон,“рече Ѓорѓи Јованов,лозар од неготинско.

Според лидерот на лозарите Ључо Аризанов, лозарите кои сакаат да подигнат нови лозови насади мораат да се придржуваат кон законот иако тоа за жал не е случај.

-„Се одгледуваат сорти кои во моментот се барани. Лозарите претежно се определуваат за оние сорти кои се рентабилни и барани на пазарот. Едно време повеќе се садеа високо квалитетните сорти на грозје, подоцна се покажаа како неисплатливи а свое влијание врз нив имаа винарските визби кои на некој начин ги потценија овие сорти, им ги симнаа цените и ги ставија во трета категорија на вински сорти па дојдовме во ситуација смедеревката и шардонето да се плаќаат по иста цена“, смета Аризанов.

Тој рече дека во Македонија не се заштитени сортите на грозје а стихијното садење ќе продолжи и понатаму се додека не се најде соодветно решение за секоја сорта подделно.

-„Пример е смедеревката која пред 7- 8  год стихијно се уништуваше, цели површини на лозовите насади а сега излезе дека им е многу потребна на винарските визби, токму оние кои беа поборници за уништување на лозјата со смедеревката сега најмногу трчаат по неа. Во нашиот регион најдобри услови за одгледување има токму за смедеревката и вранецот кои се сметаат за автохтони сорти додека другите се во позадина,“ рече Аризанов.

Во Тиквешијата моментално лозарите најмногу ја  садат смедеревката како и трпезните сорти на грозје викторија и мишел, поретко афусали, додека не се сади кардинал бидејќи винарските визби не го бараат.  Но, сите оние лозари кои не ги почитуваат правилата и садат лозови насади по сопствена воља ќе останат без субвенции./Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.