Лица со посебни потреби ќе заработуваат преку продажба на списание!
Ганчо Караџовски корисник на услугите на дневниот центар „Порака“ е уличен продавач на списанието „Лице в лице“. Вредниот и трудољубив Ганчо е пресреќен што ќе може да биде општествено корисен и во исто време да го заработи својот прв хонорар.
– Вклучен сум во продажбата на Лице в лице и многу сум среќен што ќе можам да заработувам ако сте заинтересирани можете да ме побарате мене и да го купите овој преубав весник – рече Ганчо.
Ганчо не е единствен бидејќи списанието го продават уште неколкумина негови пријатели кои со многу насмевки на лицата, позитивна енергија и надеж го одбележаа денешниот ден посветен на списанието.
Тие ја имаат поддршката на Кристина Арнаудова. Таа присуствуваше на промоцијата на активистичкото улично списание „Лице в лице“ и на уличните продавачи во Неготино.
– Искрено сум воодушевена од идејата и самиот концепт на „Лице в лице“, кој им помага на најранливите категории, еве и во Неготино. Затоа и ми е особено мило што сум дел од сето ова, и што сум сега во мојот град. Слушав навистина убави приказни за луѓето кои се вклучиле во продажбата на списанието. Ги поддржувам сите иницијативи на „Лице в лице“ и ги повикувам сите јавни личности да се вклучат во ова – изјави Арнаудова.
На настанот беше претставен концептот на магазинот, начинот на продажба, како и продавачите кои се дел од активностите на „Порака Неготино“. Координаторката на Регионалната платформа за Македонијана, Климентина Илијевски рече дека на Скопје, Белград, Приштина, Сараево и Нови Сад, сега им се приклучува и Неготино со „Лице в лице“, а сите заедно, пак, се дел од Меѓународната мрежа на улични весници (ИНСП).
Сега за Ганчо и неговите пријатели од Порака е особено значајно колку броја на списанието од нив ќе купат Неготинци./Б.Н.Т