Да се штеди водата апелираат од неготински „Комуналец“
Зголемена потрошувачка на вода регистрира ЈП „Комуналец“ Неготино во ноќите кога температурите паѓаа под нула. Неготинци исплашени дека ќе им замрзнат чешмите ја оставале водата да тече во ноќе. „Сега кога деноноќно граѓаните редовно имаат вода за пиење, населението да се воздржи од оставање на чешмите отворени, уште повеќе што и ноќните температури веќе не се така ниски како што тоа беше случај предходно,“ апелираат од Комуналец до граѓаните.
Директорката на ова јавно претпријатие, Наташа Лазова информираше и дека во изминатиот период биле спроведени активности за промена на голем дел водомери во домаќинставата во општина Неготино.
„Старите водомери се заменија со нови водомери и модули за далечинско читање. Со оваа активност ќе се обезбеди навремено и точно читање на водомерите, а исто така ќе се намали и ненаменската потрошувачка на вода. Со измените на Законот за снабдување со вода за пиење, а со цел да се заштеди време и пари, од 1 април годинава се предвидува компаниите сметките да ги плаќаат исклучиво по електронски пат, а граѓаните сами да изберат како ќе плаќаат.Со предходните измени беше предвидено сите компании што се регистрирани во Централниот регистар да достават нова адреса, а двете јавни комунални претпријатија сметките за вода ќе им ги доставуваат исклучиво по електронски пат. На тој начин претпријатија ќе заштедат на средства бидејќи нема да ги печатат сметките, нема да прават трошоци за нивно доставување, а доставата на истите ќе биде многу поефикасна. За граѓаните пак се предвидува тоа да биде опција со тоа што ќе им се понуди формулар со чие пополнување ќе се изјаснат дали ќе сакаат да плаќаат на стариот или на новиот начин, односно дали сакаат сметките да им се доставуваат по електронски пат или печатено. Граѓаните што имаат меил адреса сметките ќе ги добиваат по електронски пат“ рече Лазова.
Таа смета дека вака, со овие новини, драстично ќе им се олеснела работата на јавните комунални претпријатија во делот на доставувањето на сметките за потрошена вода за пиење./A.Д