Почна манифестацијата “Недела на виното“ во Неготино
Над 40 индивидуални производители на вина и ракии од општината и регионот, со испратени 63 мостри учествуваат на годинашниот натпревар за избор на најдобри вина и ракии. Со овој настан денеска започнаа активностите од манифестацијата „Недела на виното“ во Неготино. Со низа активности општината го одбележува верскиот празник Свети Трифун.
На денешниот натпревар дегустаторите дегустираа 25 мостри бело вино, 20 црвено , како и 18 мостри на ракија. Оценувачката комисија е составена од тројца членови-енолози.
„Оваа година наградите за најдобрите производители ќе се состојат од ножици за кроење, машинки за врзување и буренца кои ќе им бидат од корист на лозарите, а кои пак ќе им бидат врачени на централната прослава на Свети Трифун во сабота на градскиот плоштад во Неготино. Инаку, организиран е и натпревар за најдобри вина од регистрирани винарски визби на кој со свои мостри се пријавени 10 винарии од Македонија и една од Бугарија“ рече градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов./А.Д