Започна реконструкцијата на водоводна мрежа кај неготинско Дуброво
Со реконструкцијата ќе се опфатат 1380 метри од водоводната мрежа како дел од програмата за комунални дејности со која се прават напори за подобрување на водоснабдувањето на подрачјето на општина Неготино.
„Станува збор за дел од водоводната мрежа каде што се детектирани најголем број на дефекти кои предизвикуваат загуби на водата и до 15 литри во секунда, со тоа што по комплетното поставување на нови Ф-140 цевки со издржливост на притисокот до 10 бари, овие 15 литри кои досега се губеа ќе остануваат во мрежата и ќе доаѓааат до домовите на граѓаните“ објасни градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.
Претходно општината за да обезбеди поквалитетно водоснабдување го реализира проектот за хидраулично регулирање на притисокот на водата. Со помош на овој зафат се поправија и беа санирани дефекти на мрежата кои предизвикуваа загуби на 30 литри вода во секунда. Сега во водоводната мрежа има дополнителни 45 литри вода во секунда што е една од причините што Неготино има значително подобрување на водоснабдувањето.
Според првиот човек на Неготино, граѓаните не треба да стравуваат дека во летниот период, кога и потрошувачката е најголема, ќе имаат било какви проблеми со водоснабдувањето./А.Д