ИГМ од Кавадарци започна да гради производни хали во индустриската зона во Неготино
Стартуваа градежните работи во новата индустриска зона во Неготино. Таму производни хали започна да гради компанијата ИГМ-трејд од Кавадарци.
Зоната се наоѓа на атрактивна местоположба во близина на автопатот, регионален пат и железничката пруга на површина од 30 хектари со можност за изградба на 26 објекти.
Сопственикот на ИГМ, Илија Гечев најави дека ќе биде изграден современ микс на продавници со стока од Кина и Кореја.
„Стоката со контејнери ќе доаѓа на Солунското пристаниште, и тука покрај патот на само 140 километри од Солун планираме да ја направиме најуспешната индустриска зоина во земјава“ рече Гечев.
На свеченоста по повод стартот со градежни работи во индустриската зона во Неготино присуствуваше и премиерот Никола Груевски. Тој нагласи дека и преку оваа индустриска зона ќе се даде придонес во намалувањето на нервработеноста во земјава.
“За позитивните ефекти од изградбата на зоната доволно говори фактот што досега се продадени сите седумнаесет парцели. Да честитам на компанијата „ИГМ“ и на сопственикот господинот Илија Гечев што како компанија влегуваат во нов деловен потфат. Ние како влада ќе и помогнеме на општината со сите можности но пред сé во пренамената на земјоделското во градежно земјиште со што ќе се создадат услови за проширување на зоната со нови четириесет хектари. Согледувајќи ги сите овие факти, но пред се близината на регионалниот пат, понатаму близината на автопатот, како и близината на железничката пруга, верувам дека на зоната и претстои добра иднина. А со неа добра иднина го очекува и регионот и сите оние домаќинства од Неготино и околината кои во иднина ќе имаат по некој член од семејството вработен во некој од капацитетите во индустриската зона Неготино. Таквите развојни текови во кои е навлезен градот Неготино и регионот, ќе бидат дополнително поттикнати и со дооформување на индустриската зона“ рече премиерот Никола Груевски.
Тој се осврна на повеќето проекти кои се реализирани во Неготино, а кои се подржани од Владата. Го спомена патот Тимјаник-Долни Дисан и патот Курија-Паликура. Рече дека во моментот се прават подготвителни активности и за реконструкција на патот за Криволак. Груевски во изјавата за медиумите потенцира дека следната година во земјава ќе започнела изградба на пет експресни патишта за кои веќе била обезбедена финансиска конструкција од 300 милиони евра и дека од следната година ќе се делеле грантови за мали и микро претрпијатија со што ќе се дало подршка во вработувањето на уште најмалку 200 лица./А.Д