Неготинецот Јован кој студира медицина во Русија, се врати за да им помогне на своите сограѓани
24.11.2020
Студентот Јован Цветковски, кој е во завршна година од своите студии по медицина на Универзитетот во Санкт – Петербург, одлучи да се врати во родното Неготино и активно да му помага на медицинскот персонал во ЈЗУ Здравствен дом – Неготино, во справување со досега најтешката здравствена криза, пандемијата со Ковид – 19. За овој подвиг и хуман гест на младиот иден лекар, со огромна доза на благодарност, информираат од ЈЗУ Здравствен дом – Неготино.
Во склоп на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино, почна да функционира и дневна ковид амбуланта, каде се прегледуваат, им се дава медицинска помош и поддршка и на дневна основа се лекуваат Ковид – 19 пациенти од Неготино и Демир Капија, а кои се со полесна клиничка слика. Дневната амбуланта е отворена со цел да не се оптеретува додатно болницата во Кавадарци, каде болнички се лекуваат потешките случаи. Но, исто така и граѓаните доколку се со лесни симптоми да ја добиваат потребната медицинска нега, без да патуваат до болницата во Кавадарци.
Во моментов, целиот медицински персонал е добро екипиран, координиран и целосно посветен во справување со предизвиците кои ги носи коронавирусот, а за оваа цел исто така беше набавено и ново санитетско возило, потенцира директорката на ЈЗУ Здравствен дом – Неготино д-р. Билјана Филипова.
Таа до своите сограѓани, уште еднаш апелира на почитување на мерките за заштита од Ковид – 19, бидејќи само заеднички на најбезболен начин може да ја пребродиме оваа голема здравствена криза.
Мите Јаначков