Голема трагедија го потресе Неготино: Дете без знаци на живот вчера донесено во Итната помош
25.11.2020
Осумгодишно дете без знаци на живот вчера попладне било донесено во Итната помош во Здравствениот дом во Неготино, информираат денеска од јавната здравствена установа.
– Го анимиравме, се трудевме и настојувавме да го вратиме во живот но, за жал без успех. Кога не успеавме пријавивме во полиција. Телото на детето немаше знаци на насилство или некакви повреди. На барање на полиција, известен беше и јавен обвинител, посочија од Здравствениот дом.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци веднаш излегол и извршил увид на местото на кое починало осумгодишно дете.
– Според сознанијата добиени на лице место, осумгодишното дете по завршување на училишниот ден, било оставено на чување кај роднини. Заедно со уште четири други деца седеле на ѕид со висина од околу 70 сантиметри на еден двор и разговарале. Во близина биле и неколкумина возрасни. Во еден момент детето се пожалило дека му е лошо, по што паднало од ѕидот. Возрасните го пренеле во болница, каде и покрај обидите за реанимација била констатирана смрт. Од извршениот увид на лице место и разговорите со сите сведоци на настанот, не произлезе никакво сомнение дека смртта е резултат на кривично дело. Родителите на детето, исто така, во разговор со јавниот обвинител изјавиле дека не се сомневаат оти причината за смрт би можела да биде кривично дело, велат од Службата за односи со јавноста при Републичкото јавно обвинителство.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски соопшти дека телото било предадено на семејството.
Веста за ненадејната смрт на детето, кое според неофицијални извори немало никакво претходно заболување, синоќа многу брзо се прошири и предизвика огромна тага и шок кај граѓаните на Неготино, кои на социјалните мрежи им изразуваат сочувство со голема жалост на семејството и роднините на починатото дете.
Мите Јаначков