Ученичка од Неготино освои прво место на Меѓународната ликовна колонија!
Тиана Трајкова има четиринаесет години и учи во осмо одделние во основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Неготино а веќе има потврда за уметнички талент.
Таа го освои првото место на Меѓународната кипарска ликовна колонија за млади во конкуренција на ученици од повеќе земји, што се одржа во Чрномељ,Република Словенија.
Kипарска ликовна колонија,се одржува по шести пат во Чрномељ и во неа учествуваа ученици од основни училишта од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија и Словенија.
Ликовната колонија се реализира во пет дисциплини : керамика, дрво, стиропор, монтажна пластика и инсталација.
Тиана Трајкова заедно со ученичката Цветанка Христова се млади ликовни таленти кои достојно ја претставија нашата земја и училиште во Словенија.
Наставникот по ликовно образование Киро Јанев кој воедно е и нивни ментор вели дека тие се вистински амбасадори на нашата земја на културно поле а нивните дела се вистинска атракција каде и да се појават./Б.Н.Т