Нема метеж во центарот на Велес, сообраќајот нормализиран откако е ставен во функција мостот кај Башино Село (фото)

Објавено на 4 март, 2025 во 17:06

Без долги колони од возила е центарот на градот. Сега возачите сообраќаат како и пред два месеци без нервози и вклучени сирени. По улиците „8 Септември“, „Илинденска“, „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“ денеска во 15:00 часот немаше ниту еден застој поточно создавање на долги колони од возила.

Состојбата со одвивањето на сообраќајот се врати на стариот режим од пред два месеци кога поради забрана за влез во градот преку мостот кај Башино Село, од североисточната страна на градот, сите возила го користеа единствениот влез преку централното градско подрачје.

Општина Велес со соопштение ги информира граѓаните дека го укина времениот сообраќаен режим.

„Сообраќајниот режим во градот се врати по старо. Со пуштањето на мостот на Башино село за сообраќај, престана да важи времениот сообраќаен режим што беше воведен на 9 јануари, откако беше затворен за сообраќај башиноселскиот мост. Од вчера се отсрани вертикалната сообраќајна сигнализација што го регулираше времениот сообраќаен режим. Се очекува да почнат да функционираат семафорите откако ќе се отстрани техничкиот проблем. Моментално на раскрсницата, сообраќаен полицаец ги насочува возилата по улицата Алексо Демниевски Бауман која повторно е еднонасочна,“ напиша општината.

Освен на сообраќаен метеж, во изминатите два месеци, велешани беа изложени на дополнително загадување на воздухот од издувните гасови. Тогаш во центарот ниту се пешачеше ниту се дишеше. Бидејќи Велес во овој дел не е покриен со мерна станица за квалитет на воздух не се знае  ниту колкави вредности на опасни ПМ 10 и ПМ 2,5 честички беа присутни во велешкиот воздух што секојдневно граѓаните ги дишеа.

На коловозот на улиците и денеска може да се забележи присуство на поголема количина на прашина, особено покрај ивичниците на тротоарите, иако комуналните работници рачно, со метли, секојдневно ја собираат.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.