Од понеделник вакцинирање со трета доза во Велес и евидентирање на вакцинираните надвор од државата
Во ходникот пред двата пункта за вакцинација во ЈЗУ Здравствен дом Велес нема повеќе редици од граѓани коишто чекаат за вакцинација против Ковид-19. Интересот е доста намален. Ако во претходниот месец во еден ден се аплицираа по 700 сега се вакцинираат од 40 до 50 граѓани.
– Изминатава среда започнавме да работиме само прва смена од 07:30 до 14:00 часот. Вакцинирамe прва доза со „Фајзер“ и „АстраЗенека“ додека за вторa дози продолжуваме „Синовак“, „Фајзер“ и „АстраЗенека“. Од почетокот на неделата, 20 септември, до денеска, на двата пункта во ЈЗУ Здравствен Дом аплицирани се вкупно 450 први дози на вакцини, рече д-р Марина Тодоровска од Службата за имунизација.
Од понеделник на двата пункта во велешкиот Здравствен дом, ќе се започне вакцинацијата со трета доза кога ќе се аплицира вакцината „Фајзер“. Први ќе бидат здравствените работници коишто се вакцинирани во март и април, годинава, по поминати шест месеци од втората вакцинација.
-Сега од понеделник имаме најави дека ќе започнеме со трета дози, тоа што вчера го соопштија за трите категории граѓани, поточно за здравствени работници, имуно компромитирани граѓани со одредени дијагнози без разлика на возраста како и тие коишто се се над 60 години. Бустерот не се практикува само во Македонија туку на база на резултати од направени студии во различни држави и тоа исклучиво со вакцината „Фајзер“, додаде д-р Тодоровска.
Бидејќи до сега граѓаните коишто примија една или две дози вакцини надвор од Македонија не се евидентирано во здравствениот систем во државата од понеделник ќе се евидентираат и во Здравствен дом Велес. Доколку во Велес, Чашка, Градско и Лозово постојат вакцинирани граѓани надвор од границите на државата тие од понеделник можат да се пријават и со себе да носат документи за примена прва и втора вакцина надвор од Македоија.
Службата за имунизација продолжува и со теренска вакцинација за граѓани коишто не можат да се појават на двата пункта во Здравствен дом Велес.
Стефани Манева