Општина Чашка ја реновираше внатрешноста на спомен куќата на Петар Поп Арсов во Богомила, отворени две музејски поставки
Првата од поставките во реновираната спомен куќа на Петар Поп Арсов, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, е музејска додека втората е етнолошка. Општина Чашка денеска го одбележа 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба со свечено отворање на реновираната внатрешност на спомен куќата во село Богомила.
За животот и делото на македонскиот национален херој, филолог, револуционер, сновоположник на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на Централен Комитет на МРО, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ како и идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ пред присутните говореше Проф. д-р Ѓорѓи Малковски. Тој ги истакна значењето и делата на овој поборник за македонската самобитност, на борецот за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за градење на независна Македонска црква и образование како и за македонскиот литературен јазик и правопис.
Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски, во неговото обраќање, потенцираше дека на овој ден со гордост македонскиот народ се сеќава и поклонува на македонските револуционери истовремено чествувајќи ја нивната пожртвуваност, истрајност и волја за слобода, правда, еднаквост, независност и сопствена државност.
На свеченоста што денеска се одржа по повод националниот празник, во Богомила, присуствуваа пратеници од македонскиот Парламент, на локални иституции и политички партии, Здружение на пензионери кои положија свежо цвеќе пред спомен куќата на Петар Поп Арсов.
Убавка Јаневска