Општина Росоман со јавна опомена – „Дивите депонии ќе бидат минато“
Објавено: 7 ноември, 2025, во 12:08 часот
Општина Росоман упати јавно предупредување до сите граѓани и несовесни лица дека повеќе нема да толерира создавање и одлагање отпад на нерегуларни локации. Од локалната самоуправа најавуваат целосна мобилизација на механизацијата и службите за итно расчистување на сите диви депонии на територијата на општината.
-Дивите депонии создаваат загрозување на животната средина, здравјето и безбедноста на нашите граѓани — тоа ќе престане веднаш, стои во официјалното соопштение на Општина Росоман.
Оттаму додаваат дека сите локации каде што ќе биде извршено чистење ќе се санираат, а надзорот ќе биде значително засилен. Општината најавува и ригорозни санкции за сите што ќе фрлаат отпад на недозволени места.

-Несовесните лица ќе бидат соодветно казнети согласно применливите закони и акти. Сите прекршоци ќе бидат евидентирани и предадени на надлежните инспекциски и правни органи, се наведува понатаму во изјавата.
Од Општина Росоман апелираат до граѓаните за соработка и повикуваат сите случаи на диви депонии и нерегуларно фрлање отпад да се пријавуваат на телефонската линија на општината или преку официјалните комуникациски канали.
-Само заедно можеме да обезбедиме чиста и здрава средина за сите. Работиме за уредна, одговорна и чиста заедница, порачуваат од општината.
Стефани Манева


