Oрганизиран првиот „Ден на добри дела“ во Свети Николе од страна на Организација на жени
Ученици и волонтери на Црвен Крст цртаа графити на една локација во Свети Николе. Така се вклучија во одбележувањето на меѓународниот ден на добри дела. Денот на добри дела е меѓународен ден на волонтерска и хуманитарна работа што започнал да се прославува од 2007 година, како иницијатива на непрофитна организација и има за цел да ги обедини луѓето од целиот свет да прават добри дела за другите жители на планетата. Во 2024 година во оваа глобална волонтерска и хуманитарна иницијатива беа вклучени повеќе од 110 земји во светот.
„Во нашата земја беа реализирани вкупно 11 волонтерски акции со директно вклучување на повеќе од 250 волонтери и повеќе од 750 корисници/учесници. Преку објавите и написите на социјалните и традиционалните медиуми, неколку десетици илјади луѓе беа запознати со активностите на Ден на добри дела на национално ниво. Денот на добрите дела во Македонија промовираше солидарност, волонтирање и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници,“ соопштија од Организација на жени на Свети Николе.
Корисници на нивните акции беа ученици од основните училишта, жени жртви на семејно насилство, стари лица, лица со посебни потреби, матуранти од семејства корисници на социјална помош или од семејства со самохрани родители, болнички пациенти и други граѓани со потежок социјален и економски статус.
Како што информираше активистката Емина Токович, денот на добри дела 2024 како национална акција го организираше Младинскиот културен центар од Битола во седум градови со поддршка и соработка на граѓанските организации партнери „АДИ“ од Гостивар, „Паблик Лице в Лице“ од Скопје, СППМД од Кавадарци, „Станица ПЕТ“ од Прилеп и Ротари клуб Битола „Широк сокак“.
Убавка Јаневска