Оризарец запалил сува трева во свој овоштарник, пожарот зафатил и околни имоти во месност „Свилара“
Објавено: 6 јули, 2026, во 13:15 часот
Шеесет и едно годишниот А.О од населено место Долно Оризари, кај Велес, го предизвикал вчерашниот пожар во месноста викана „Свилара“ откако ја потпалил исушената трева во неговиот овоштарник. Освен што тој се повредил огнот излегол од контрола иако брзо интервенирале велешките пожарникари – спасители па направил штета на соседни имоти.
„На 05.07.2026 година, во 15:20 часот, во село Долно Оризари, велешко, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода А.О.(61) од Велес. Тој се сомничи дека околу 14:25 часот на место викано „Свилара“ во атар на село Долно Оризари, запалил сува трева во својот овоштарник и предизвикал пожар кој зафатил нива, помошна просторија, бандера и инвентар од викенд куќа, сопственост на 42-годишната М.Т од Велес. При обид да го изгасне пожарот, А.О се здобил со повреди. Пожарот бил изгаснат од Територијална противпожарна единица Велес, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес. А.О. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава,“ соопштија од Сектор за внатрешни работи Велес.
Убавка Јаневска


